Преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и Министерството за финансии на сметките на тутунарите денеска се исплатени 22 милиони евра субвенции за реколтата од 2017 година.
Ова го соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при посетата на Могила додавајќи дека тоа е над 80 проценти од вкупниот износ што ќе биде исплатен за тутунарите.
– Останува уште помал износ од 20 проценти кој ќе биде исплатен по завршените контроли. Продолжуваме со политиката на неселективна исплата на субвенции во еден ден за сите тутунари. Продолжуваме со политиката на навремени субвенции со исплата на парите и враќање на парите назад кон граѓаните тогаш кога им се потребни за да инвестираат во новата реколта- истакна министерот.
Тој истакна дека оваа година тутунарите добија зголемени субвенции на три нивоа и тоа првото ниво за првата класа тутун од 80 денари по килограм, за второто ниво – втора класа по 70 денари за килограм и третото ниво за трета, четврта и дополнителни класи од 60 денари.
– Продолжуваме со политиката на стимулирање на квалитетното производство кое што треба да го постигнат тутунарите и затоа уште од оваа прва година направивме нова политика на субвенционирање во три нивоа, односно зголемени субвенции на основа на квалитет, а се со цел да произведуваат квалитетен тутун. Оваа дејност на Македонија и донесува девизен прилив од околу 100 милиони евра коишто влегуваат во државата- потенцира Николовски.
Истакнувајќи дека во Македонија со тутун се занимаваат околу 24.000 семејства рече дека тоа е една од традиционалните земјоделски дејности во државата и затоа уште во првата година од мандатот даваат силен поттик.- Оваа година достигнавме историска откупна цена од 217,6 денари од килограм што беше исплатен на тутунарите. Го предложивме и новиот закон за тутун којшто е целосно завршен и со кој по неговото донесување од страна на Собранието на Република Македонија од следната реколта нема да се вадат евидентните листови од подрачните единици, туку тутунарите ќе склучуваат директни договори со откупните компании. Од оваа година стимулиравме и конкуренција во целокупното производство со нови компании коишто влегоа и коишто во наредниот период ќе влезат во овој бизнис. Продолжуваме со политиката на навремени, редовни и зголемени субвенции тогаш кога им се потребни на земјоделците и на тутунарите, но и со политики да стимулираме квалитетно земјоделско производство, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски истакна дека Агенцијата ќе го запази законскиот рок до 30 јуни да бидат исплатени сите субвенции од Програмата 2017 и на тој начин првпат че биде испочитуван Законот за исплата на сите субвенции заклучно со 30 јуни во календарската година.