Новиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов за жена гувернерка на Народната банка на Република Македонија што доаѓа од редот на професионалци – експерти, сметам дека ја заслужува нашата поддршка, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.
Анита Ангеловска – Бежоска, актуелен вицегувернер во НБРМ, е новиот предлог на Иванов за гувернер, откако денеска Димитар Богов се повлече од кандидатурата.
Тунтев потсети дека минатото лето пратеничката група предводена од СДСМ го искажала својот афирмативен став и ја дала својата поддршка за Ангеловска – Бежоска, кога го поддржале и гласале нејзиниот реизбор на функцијата вицегувернер на НБРМ.
– Имајќи го предвид нејзиното импозантно CV, нејзиното богато искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврда на претстојната координативна средба на пратеничката група на почетокот на наредната сеница, вели Тунтев.
Во изминатите неколку недели, додаде, се надевавме дека ќе се изнајде решение меѓу претседателот Иванов кој го има правото да предлага гувернер на НБРМ и Парламентот кој го избира гувернерот со мнозинство гласови од пратениците.
На позицијата гувернер, како што посочува Тунтев, да застане човек кој ќе ја гарантира независноста на институцијата, кој ќе се грижи за развој и унапредување на банкарскиот систем и за финансиската стабилност на државата и кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска потенцираат дека тие исклучително ја ценат работата на гувернерот Димитар Богов. Наведуваат дека тој успеа да ја сочува стабилноста на денарот и банкарскито систем во најтешките моменти на криза.
– Богов нема ниту една дамка во кариерата и во неговиот ангажман како гувернер на НБРМ затоа зачудувачки беше начинот на кој СДСМ започна да го напаѓа, мотивирана од политички причини. Политиката не смее да се меша во работата на Народната банка. Ја почитуваме неговата денешната лична одлука да се повлече од кандидатурата и во врска со новиот предлог ќе го разгледаме и дополнително ќе се произнесеме, посочуваат од Центарот за комуникации на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ се уште не го изнесе ставот во врска со предлогот Ангеловска – Бежоска да биде нов гувернер на НБРМ.
Нејзиниот реизбор на вицегувернерското место во Народната банка лани во септември, го поддржаа и пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата.
Според информации од Собранието, се очекува точката за избор на нов гувернер на Народната банка на Република Македонија да се најде на дневен ред на следната собраниска седница закажана за понеделник, на 21 мај.