Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на проектот „Читаме заедно“ ја објави книгата за деца „Неверојатната приказна за џиновската круша“ од данскиот автор Јакоб Мартин Стрид. Авторот и илустратор на оваа сликовница е роден во 1972 година во Копенхаген, Данска. Станал познат стрип-цртач во дневниот весник „Политикен“.
Неговиот бунтовнички, хумористичен и поетски дух продолжил да се развива и во книгите за деца, кои многу бргу ја освоиле детската публика, не само во Данска туку и во целиот свет. Во 2010 година ја освоил наградата за најдобри илустрации на Министерството за култура на Данска.
Македонското издание на книгата е преведено од Лара Крстева-Ичокаева, графички уредено од Марко Трпески, а финансиски поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, Министерството за култура и Данската уметничка фондација.
Животот си тече мирно како река, сè додека Мичо и Себастијан, наместо риба, не уловат порака во шише со своите трски за риболов…, ова е накратко содржината на оваа возбудлива и бајковидна сликовница роман за деца од сите возрасти.