Директорот на граничната полиција на БиХ, Зоран Галиќ, во саботата побара итно вработување нови гранични полицајци
Последниот месец на подрачјето на кантонот Сараево пристигнале поголем број мигранти од Сирија, Либија, Авганистан, Палестина, Пакистан, Алжир, Мароко, Ирак, Турција, Иран, Тунис и други земји. Многу од нив секојдневно престојуваат на отворено, без соодветна облека и услови за хигиена, а со малку храна. Според информациите од Заводот за итна медицинска помош некои од мигрантите имаат и тешки заболувања, информираат медиумите во Босна и Херцеговина.
Владата на КС побара од надлежните институции на БиХ во најкраток рок да се евидентираат и да им се утврди и статусот на мигрантите. За оваа цел за денеска е најавен состанок на Советот на министри на БиХ. Во Владата на Република Српска сметаат дека е неприфатливо барањето да се користат објектите на поранешните касарни во Бања Лука и Калиновик, кои се во сопственост на овој ентитет. Премиерката на РС, Жељка Цвијановиќ, смета дека прашањето за мигрантите е проблем на државата БиХ.
Директорот на граничната полиција на БиХ, Зоран Галиќ, во саботата побара итно вработување нови гранични полицајци или префрлање други полициски службеници во оваа полициска служба, за да можат да одговорат на драматичниот пораст на мигранти во земјата, пренесува Вечерњи.ба.
Според неговата процена, недостигаат 526 гранични полицајци, за да може да се обезбеди границата со Србија и Црна Гора, и кон границата со Хрватска, за да се спречи влезот на мигрантите во Европската Унија. Галиќ деновиве јавно предупреди дека граничната полиција повеќе не е во можност да одговори на притисокот на новиот бран на мигранти, за кој вели дека е добро организиран. Од почетокот на годината граничните полицајци спречиле влез на 1.754 мигранти во БиХ.
Меѓу мигрантите голем дел се лица од ранливите категории, жени и деца, на кои им е потребна дополнителна помош.