Сегашната разузнавачка војна не е нова. Борбата помеѓу ЦИА и иранските разузнавачки служби потекнува уште од 1953 година, кога американската агенција и британскиот МИ6 ја почнаа операцијата „Ајакс“, за соборување на демократски избраната влада на Иран. Кога во 1979 година беше соборен шахот, Иранците одмазднички почнаа серија субверзивни акции, за да ја „отстранат“ ЦИА од Блискиот Исток
САД и Иран веќе на големо ги мобилизираа своите разузнавачки агенции во служба на хибридната војна што ја водат. Па, така, САД и Иран не се во војна, но нивните разузнавачки служби се, поради што сѐ поголем е стравот од можни погрешни процени и инциденти познати како лажно знаме. Зад оцрнувањето на Иран се наоѓаат голем број тајни разузнавачки агенции, што дејствуваат поединечно и колективно. Американската ЦИА тесно соработува со израелски Мосад, но и со Саудиска Арабија. Во текот на 2017 година, ЦИА формира посебна единица – Центар за ирански мисии – која целосно е фокусирана на реализација на американските планови против иран.
Инаку, активностите на ЦИА веќе се спроведуваа во т.н. Персиска куќа, во синергија со ирански експерти, кои ги анализираа политичките и економските активности во Иран и во иранската дијаспора. Меѓутоа, Персиската куќа со текот на времето се наполни со Иранци наклонети кон САД, но сѐ помалку фокусирани на клучната американска цел – смена на режимот во Иран. Затоа, на чело на Центар за ирански мисии, ЦИА го именуваше Мајкл ди Андрео, против кој веќе има поплаки за претходното работење, бидејќи тој ја прошири програмата за употреба на беспилотни летала во војната против тероризмот. Па, така, Ди Андрео и директорката на ЦИА, Џина Хаспел, се клучните луѓе задолжени за политиката на максимален притисок, што ја спроведува претседателот Доналд Трамп.
Меѓутоа, и Иран има „валкани раце“. Техеран имаше голема корист од американското соборување на Садам Хусеин во Ирак, во 2013 година. Од 2014 година, Иранската револуционерна гарда (ИРГ) и иранските разузнавачки служби значително се присутни во Ирак, а меѓу другото работат и на уништување на Исламската држава (ИД). Внатре во Иран, Министерството за разузнавање и безбедност енергично ги сузбива активностите на иранското граѓанско општество, а и редовно се фали со разбивање шпионски мрежи на ЦИА.
Кога станува збор за најновите инциденти на релацијата Иран – САД, Иранците, како послаба страна, несомнено претпочитаат „асиметрично војување“. Од друга страна, и САД, заморени од своите неуспешни воени авантури на Блискиот Исток, имаат многу причини за да избегнат вистински оружен конфликт, поради што претседателот Трамп користи моќно смртоносно оружје – економските санкции.
И додека Вашингтон размислува дали Иран всушност може да се претвори во нов Ирак, факт е дека евентуалниот конфликт може да се претвори во хибридна војна, која веќе е видена во Украина и во која доминираа судири помеѓу паравоени сили, проследени со жестоки пропагандни кампања, но кои никогаш не се претворија во полн воен конфликт. Потпирањето на разузнавачката структура, а не на воената акција, ја обезбеди толку многу потребната флексибилност на двете страни во оваа „игра на живци“. Исто како што претседателот Трамп планирано се откажа од политиката на „оган и гнев“ кон Северна Кореја, и разумно ги прифати преговорите со Ким Јонг-ун, така би можел да се откаже од политиката на максимален притисок за повторно отворање на преговорите со Иран. Имено, ако претседателот Трамп го прекрши своето ветување дека ќе остане надвор од „глупавите“ војни на Блискиот Исток што ги почнаа неговите претходници, тогаш најверојатно ќе им наштети на своите шанси за реизбор во 2020 година.
Но сегашната разузнавачка војна не е нова. Борбата помеѓу ЦИА и иранските разузнавачки служби потекнува уште од 1953 година, кога американската агенција и британскиот МИ6 ја почнаа операцијата „Ајакс“, за соборување на демократски избраната влада на Иран. Кога во 1979 година беше соборен шахот, Иранците одмазднички почнаа серија субверзивни акции, за да ја „отстранат“ ЦИА од Блискиот Исток.
Но со текот на времето и двете страни успеаја да ги смират страстите. Според извештајот на американскиот Конгрес од 1996 година, Иранците не биле веродостојно поврзани со какви било терористички напади против американски цели. Покрај тоа, САД и Иран директно соработуваа во Ирак. Кога ИД во 2014 година го окупира западен Ирак, шиитските милитантни групи се мобилизираа, со отворена поддршка на Иран, во борбата против џихадистичките сили. Сојузниците на Иран ги следеле истите цели како и 5.000 американски војници во Ирак, и ја победија ИД.
Ако се земе предвид воинственоста на изјавите на претседателот Трамп, како и жестоките ирански одговори, вистинската војна изгледа како реална можност. Но исто така, не треба да се игнорира и ограничената хибридна војна, која ја водат ривалските разузнавачки служби од САД и од Иран, а кои многу добро се познаваат. На крајот, играта на живци помеѓу разузнавачките структури на двете земји останува како оптимална и единствена реална опција.