Украинскиот претседател Владимир Зеленски побара од рускиот и од францускиот претседател, Владимир Путин и Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел да одржат итна средба.
Молбата доаѓа по ескалацијата на тензиите во источна Украина, каде беа убиени четворица украински војници.
Состаноците на таканаречениот формат „Нормандија“, со лидерите на четирите земји (Украина, Русија, Германија и Франција), се одржуваат од 2014 година.
– Зеленски повика на итна средба со цел одржување на мировниот процес во источна Украина и усвојување мерки за трајно завршување на конфликтот – се вели во соопштението на украинското претседателство.
Четворица украински војници вчера беа убиени во судирите со проруските бунтовници на истокот, каде пред две недели беше воведено примирје.
Зеленски прво оствари телефонски разговор со Путин, кој го замоли да влијае на проруските бунтовници за да ги запре нападите. Украинскиот претседател потоа имаше разговор со својот француски колега Макрон, кој му рече дека наскоро ќе разговара за источна Украина со Путин.
Од 2014 година повеќе од 13.000 луѓе се убиени во судирите меѓу украинските сили и проруските бунтовници. Иако беше постигнат мировен договор во 2015 година, прекинот на огнот во тој дел на Украина постојано се крши, со меѓусебни обвинувања од спротиставените страни.