И станари и минувачи, улицата Аминта Трети сè уште ја викаат Ленинова - Фото: Дарко Андоновски

Идејата за промена на имињата на улиците предизвика жестока дискусија помеѓу граѓаните. Искуството на оние што и сега живеат на улици со променето име покажува дека честата промена им прави непотребен трошок и проблем со собирањето нова документација. Поради тоа има примери на членови од исто семејство што имаат лични карти на три различни имиња од истата улица

Не знаат каде точно живеат, иако се на адреса на улицата Аминта Трети. Повеќето граѓани велат дека живеат на Ленинова, не можејќи сѐ уште да се навикнат на новото име на оваа улица, иако се користи веќе неколку години. За некои скопјани Ленинова ќе си остане засекогаш, а повеќето велат дека се навикнале на ова име. Скопјанец што живее на оваа улица во зградата со број 31, а на Ленинова живееле и неколку генерации од неговата фамилија, не може да ја вика поинаку и не може да се помири со тоа улицата да се вика поинаку. – Порано живеев на Ленинова. Сега живеам на улица Јордан Хаџи Константинов-Џинот. И оваа улица трипати е преименувана. Најпрво беше Кеј 13 Ноември, потоа беше означена само со број улица 338, а потоа го доби името Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Потоа имаше и промена на броевите на зградите во кои живееме, па се случува да добиеме писма и на некоја стара адреса. Не е добро ова често менување на имињата на улиците – смета скопјанката Марија Матиќ.

Идејата за промена на имињата на инфраструктурните објекти во градов, особено на улиците, предизвика жестока дискусија помеѓу граѓаните. Искуството на оние што и сега живеат на улици со променето име покажува дека честата промена на имињата на улиците им прави непотребен трошок и проблем со собирањето нова документација. Поради тоа има примери на членови од исто семејство што имаат лични карти на три различни имиња од истата улица. Неодамнешното искуство на некои од граѓаните покажа дека имаа проблеми дури и за најбанални работи. Пред само еден месец се жалеа скопјани, кои се изнашетаа собирајќи документација, за да докажат дека се исклучени од парно, од системот на дистрибутерот на топлинска енергија „Балкан енерџи груп“. Не можеа да обезбедат имотен лист, затоа што по лична карта живеат на улица што има ново име, а имотниот лист им бил на старото име на улицата.

Која е сега причина за нова промена на имињата на улиците и другите инфраструктурни објекти, на чие барање се прави и од каде е идејата за ново преименување на инфраструктурните објекти, булевари, мостови, плоштади, паркови, па и улици. Од градот Скопје велат дека потребата за нови имиња е постојана, поради тоа што градот константно се проширува и добиваме нови содржини на кои им треба име. Велат дека самата иницијатива е на градоначалникот Шилегов, која е изборно ветување од неговата кампања.

Новите предлози за именување инфраструктурни објекти допрва треба да пристигнуваат, да се разгледуваат од комисии, советници, од Владата, па поради тоа и не се знае ниту колку време ќе помине ниту кои инфраструктурни објекти во градов ќе добијат нови имиња. Од друга страна, пак, законски една година пред извршувањето на попис на населението не треба да се менуваат нумерацијата на улиците и куќните броеви. Голем дел скопјани, независно од законските процедури, не сакаат промени на имињата на постојните улици.

– Работам на улицата Аминта Трети, која јас сѐ уште по старо си ја викам Ленинова и не можам поинаку. Дури и на визит-картите ми е запишана како Ленинова. Навистина стана невкусно секоја нова политичка гарнитура да ги менува имињата на улиците. Ни создаваат нам, на граѓаните, проблеми, затоа што мораме да менуваме документација, да даваме дополнително пари од домашниот буџет. П, не чини малку промена на пасош, 2.500 денари, а и низа други документи. Замислете, живеам кај Универзална сала, на улицата Адолф Циборовски. Најпрвин се викаше 13 Јули, потоа ја прекрстија Мајка Тереза, па по две години ја преименуваа во Адолф Циборовски. Сега кога ќе одам во пошта некои пратки не можам да ги подигнам – ме препраќаат во пошта во Ѓорче Петров. Навистина не разбирам која е причината пак да се менуваат имињата на улиците. Би сакал да ми наведат барем три важни причини поради кои е потребно менувањето на имињата на улиците – вели скопјанец, кој само за десет години, иако живе во ист дом, имал три адреси и нови документи за секоја од нив.

Според него, новата промена треба да ги опфати оние имиња што се поставени во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и кога се форсираше давање имиња од постарата македонска историја, како и имиња што асоцираат на античкото минато на Македонија. Во согласност со договорите за пријателство со Грција во Скопје и во другите градови треба да се избришат сите имиња поврзани со Александар и Филип Македонски, како и имињата што на кој било начин се поврзани со Граѓанската војна во Грција и со местата во кои живееле или сѐ уште живеат Македонци.


Промените не влијаат за брзата помош

Од итната медицинска помош се навикнале на промената на имињата на улиците и тие немаат проблем со тоа. Немаат проблем со променетите имиња на улиците и одлично се снаоѓаат за да стигнат навреме кај своите пациенти.
– Немаме проблем со промената на имињата на улиците и итната медицинска помош секогаш навистина добро се снаоѓала, без оглед на тоа. Промената на имињата на улиците е само техничка работа и не е првпат да се менуваат имињата на сообраќајниците. Новите имиња веднаш се внесуваат во системот, возачи од Итната медицинска помош се искусни и добро ги познаваат градот и улиците. Промената на имињата на улиците не значи дека ќе ни предизвика проблеми во работењето – вели Златан Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом – Скопје.


Проблем за такси-компаниите

Менувањето на имињата на улиците им е проблем и на такси-компаниите во Скопје, особено затоа што во градов има улици со идентично име.
– Промената на улиците навистина ни прави проблем во работењето. Во градов има улици со идентични имиња, односно едно име на улица во две различни населби, па оттаму ни се случуваат и недоразбирања со патниците. Еве, на пример, улица Антон Попов има во скопската населба Ченто, а поранешната улица Огњан Прица во Кисела Вода се преименува во истото име Антон Попов. На почетокот на промената ќе ни се јавеше патник да побара такси-возило и ќе исклучи телефон. Ние ќе пратевме автомобил во Ченто, а всушност такси-возило било побарано од Кисела Вода, од старата улица Огњан Прица со ново име Антон Попов – објаснува диспечерка од такси-компанијата „Панорама“.