Денеска се одржа трибина на тема „Национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија“ на која присуствуваа претставници од владини институции, граѓанскиот сектор и од научната сфера.
На оваа трибина воведни обраќања имаа националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија, Павле Трајанов, заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Влатко Шешов, професор д-р Марјан Ѓуровски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола – Факултет за безбедност, раководителот на Секторот за цивилно – воена соработка во Министерството за одбрана, Тони Петревски и Влатко Јовановски, шеф на Секретаријатот на DPPI SEE.
– Отсекогаш сум бил убеден дека државата, односно нејзините институции се должни да креираме Национална платформа што ќе може да ги задоволи сите наши потреби и да нуди реални можности за заштита на луѓето и на материјалните добра, да ги интензивира сите потребни нормативни измени во различните области, а примарно во делот на заштитата и спасувањето, кризниот менаџмент и слично. Очекувам дека и денешнава трибина односно размислувањата и дебатите во рамки на неа ќе дадат свој придонес како во изградбата, така и во имплементацијата на квалитетна Национална платформа во полза на општеството и граѓаните – истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
На оваа трибина за време на воведното обраќање националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Павле Трајанов изјави дека сите анализи покажуваат дека системот за управување со кризи мора да се реформира. Покрај другото, реформите подразбираат и донесување на нови законски решенија со кои ќе се обедини целокупниот систем и ќе ги опфати сите аспекти на системот за кризи, заштита и спасување. Треба да се воспостави единствен систем за управување со кризи, заштита и спасување и интегрирање на расположливите капацитети и ресурси на сите административни нивоа, како и сеопфатен пристап за поефикасно и поефективно намалување на ризиците од катастрофи. Јакнење на отпорноста на општеството од катастрофи е круцијално прашање на кое мора да работат сите субјекти на системот.
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје, Влатко Шешов, во своето излагање на Трибината ја потенцираше важноста од стратешкото партнерство на науката и заштитата на населението и материјалните добра од ризици од катастрофи. Се осврна на значајниот придонес на ИЗИИС низ четирите сегменти на рамката за намалување на ризици од катастрофи (хазард, изложеност, повредливост и капацитет за справување), ги потенцираше тековните значајни активности во доменот на ризиците, како и приоритетите и иницијативите на ИЗИИС во наредниот период со поддршка од државните институции. Ја поздрави организацијата на Трибината и ја потенцираше исклучителната важност на меѓуинституционалната соработка на сите чинители во доменот на справување со ризиците од несреќи и катастрофи.