Тоа се случи откако беше утврдено дека победникот во 2011 година, Хуан Хозе Кобо, користел недозволени допинг-средства, па сега Крис Фрум има седум грантур-победи, четири помалку од најуспешниот, Еди Меркс
Британецот Крис Фрум официјално е именуван за победник на трката околу Шпанија (Вуелта) во 2011 година, објави извршното тело на Светската велосипедска унија (УЦИ), откако беше утврдено дека Хуан Хозе Кобо, кој тогаш триумфира, користел недозволени допинг-средства.
Минатиот месец УЦИ му изрече тригодишна суспензија на сега пензионираниот Кобо (38), поради откриените „абнормалности“ во биолошкиот пасош на шпански велосипедист во периодот од две години пред таа трка. Кобо во пропишаниот рок од 30 дена не се жалеше до Спортскиот арбитражен суд (САС) по што Фрум и официјално е прогласен за победник на Вуелта 2011-та.
Ретроспективно тоа значи дека Фрум е првиот британски велосипедист победник на една грантур-трка, пред Бредли Вигинс, кој ја имаше таа чест по победата на Тур де Франс во 2012 година. Британецот Вигинс е поместен на второто место на Вуелта 2011, а Бауке Молема од Холандија на третото.
Фрум сега има вкупно седум грантур-победи (на Тур де Франс во 2013, 2015, 2016 и во 2017 година, на Вуелта во 2011 и 2017-та и на Џиро д’Италија во 2018 година). Тој е четвртиот велосипедист со таков ефект, покрај Италијанецот Фаусто Копи и Шпанците Алберто Контадор и Мигел Индураин. Најуспешен е Белгиецот Еди Меркс, кој има 11 грантур-победи, една повеќе од Французинот Бернар Ино и три од уште еден Французин, Жак Анкетил.
Вуелта е една од трите грантур-трки, покрај Тур де Франс и Џиро д’Италија. Во историјата на велосипедизмот се забележани голем број случаи на допинг, па и на одземени титули на победниците на најголемите трки. Најголемата афера што го потресе овој спорт беше случајот со Американецот Ленс Армстронг кому му беа одземени седумте победи на Тур де Франс, од 1999 до 2005 година, поради, како што беше објаснето, „најсофистицираното“ допингување воопшто во светот на спортот. Во поново време без победа на Тур останаа и неговиот сонародник, Флојд Лендис (2006-та) и Шпанецот Алберто Контадор (2010-та). За титулите на Армстронг не се одредени други победници.
Допингот во велосипедизмот има долга историја и речиси и нема попознат возач, кој на некој начин не бил поврзан со користењето недозволени средства. На таа долга листа се наоѓаат и Еди Меркс, кој во 1969 година беше и исфрлен од Џиро, па Јоп Зотемелк, Бернар Тевене, Педро Делгадо, Стивен Роуч, Марко Пантани, Бјорне Рис, Ришар Веренк итн.
НАЈМНОГУ ГРАНТУР-ТИТУЛИ
Еди Меркс (Белгија) 11
Бернар Ино (Франција) 10
Жак Анкетил (Франција) 8
Фаусто Копи (Италија) 7
Алберто Контадор (Шпанија) 7
Мигел Индураин (Шпанија) 7
Крис Фрум (В. Британија) 7