Денеска Битола осамна „украсена“ со жолти балони, закачени на неправилно паркирани возила со наслов „Ова не е паркинг“. На тој начин, со ваквата „герила акција“ битолчани го изразија својот револт од неправилното паркирање на возилата, кое стана секојдневие во Битола.
Поради недостиг на паркинг места, битолчани паркираат каде што ќе стигнат: на тротоари, зелени површини, тревници. Дали нивната порака ќе стигне до надлежните, но и до несовесните возачи, останува времето да покаже.
Акцијата „Ова не е паркинг“ е посветена на узурпацијата на јавните површини во Битола. Целта на оваа акција е да се изврши притисок врз надлежните односно Општина Битола и МВР сериозно да се зафатат со решавањето на овој проблем и да ги вратат автомобилите на улиците и пешаците на тротоарите.
Инаку неодамна Општина Битола го раскина договорот со концесионерот „Градски паркинзи“ и формира јавно претпријатие за паркирање. Но поради административни процедури претпријатието сѐ уште нема почнато да работи и засега битолчани своите возила на обележаните паркинг места ги паркираат бесплатно.
М.М.