Дали е случаен фактот што сите земји во светот посветуваат големо внимание на протоколот? Апсолутно – не! Педантно практикуваниот протокол е огледало на една држава, на функционално воспоставен систем, на почитување постапки и неделив елемент од владеење на востановени процедури. Кај нас, за жал, видливи се сѐ почести индикатори на процедурални и протоколарни пропусти, а тоа остава сѐ подлабок впечаток дека грешките се генерирани системски.
Вакви се дел од коментарите на познавачите што деновиве отворено реагираат во јавноста по ситуацијата со интонирањето на химната во американската амбасада, но и последните пропусти на државниот протокол кога амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, на средбата во општината Охрид, беше пречекан со холандско знаме наместо со француско. Овие популарно наречени гафови, односно пропусти, не се новина за домашната јавност, коментираат познавачите на проблематиката. Тие велат дека граѓаните сѐ уште ја паметат и неодамнешната случка кога пред македонската влада, при пречекот, тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц, слично како францускиот амбасадор, беше примен со погрешно знаме. Исто така јавноста сѐ уште не може да го заборави и моментот кога тогашниот американски секретар за одбрана Џејмс Матис беше пречекан со метла на скопскиот аеродром. Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска советува дека лекот за да не се случуваат повторно вакви работи е ангажирање образовани кадри за односи со јавноста и почитување на кодексот на дипломатскиот протокол, кој, според неа, не е факултативна обврска туку сериозна професија.
– Нашите политичари не можат да разберат дека дипломатскиот протокол е врвна наука. Дипломатски протокол има за сѐ и е потребен и од значење за државава. Има и поискусни кадри што работат во министерствата, со кои треба да се консултираат помладите доколку наидат на нејаснотии. Сепак, спасот е највисоките функционери во државава да сфатат дека кон тие работи не може да се однесуваат аматерски и несериозно доколку сакаме на странците да им кажеме дека сме 30 години зрела држава. Пораката треба да биде јасна, прецизна, со претходна анализа до кого и како ќе се испраќа. Во спротивно, доколку не се следат овие упатства, јавноста ќе реагира со потсмев, а странците нема да сфаќаат дека сме сериозни во нашите намери за просперитет – вели Кафеџиска.
Слично размислува и Лукреција Маљковиќ Атанасовска, меѓународна консултантка за дипломатски протокол. Таа додава дека партизираноста на државната администрација, особено во протоколот, е голем проблем за угледот на државата. Според неа, постојаното менување на кадрите кај државниот протокол во зависност која политичка партија е на власт и несериозниот пристап на политичарите кон оваа наука се причината поради која се урива меѓународниот углед на државата.
– Македонија, за жал, не поседува еден државен протокол. Немаме континуитет на службата, која не треба да се потценува во ниеден случај, како што тоа не го прават развиените земји. Оттаму, сите пропусти што ни се случуваат во јавноста се резултат токму на недостигот од координација на државните институции и служби меѓусебно.
Второ, по таквата поставеност на работите, логично е да ни се случуваат вакви пропусти, кои од властите во исто време се коментираат дека не се страшни работи.
Протоколот е сериозна работа и наука, особено кога имате посета на високи гости и дипломати во државата. Сведоци сме дека тој е присутен и во бизнисот и надвор од него. Оттука, мора посериозно мора да се пристапи кон оваа проблематика, која полека го нагризува меѓународниот образ на земјава – објаснува Маљковиќ Атанасовска.
Таа додава дека, за разлика од денес, југословенскиот протокол бил прочуен низ светот, кој, за жал, ниедна од државите што се создадоа по распаѓањето на државата не успеа да го наследи во целост.
– Тогаш беше професионализирана служба за протокол, а не дипломатија. Слободно можам да истакнам дека до пред 15 години и се применуваа некои работи овде, но како одминуваше времето, протоколот избледе – заклучува Маљковиќ Атанасовска.
Според меѓународната консултантка за дипломатски протокол, единствено МНР во земјава има професионален протокол, но ниту тој не е координиран доволно со другите институции, како шефот на државата и Владата.