Во пресрет на вчерашниот настан, критичарите, особено од редовите на Демократската партија, стравуваа дека Трамп ќе ја искористи свеченоста за политички говор и предизборни раздорни пораки. Интересно е тоа што дел од критиките се фокусирани на материјалната штета, која „прошетката“ на тенковите и огнометот ќе ја направат на улиците, мостовите и спомениците во Вашингтон, наведува „Гардијан“

Одлуката на претседателот Доналд Трамп да одржи воена парада во престолнината Вашингтон, за одбележување на Денот на независноста, предизвика лавина негативни реакции и ја подели американската јавност. Повеќе од 2,5 милиони долари од сојузните фондови се потрошени за спектаклот со воени авиони, тенкови и друга воена опрема. Во пресрет на настанот, критичарите, особено од редовите на Демократската партија, стравуваа дека Трамп ќе ја искористи свеченоста за политички говор и предизборни раздорни пораки. Интересно е тоа што дел од критиките се фокусирани на материјалната штета, која „прошетката“ на тенковите и огнометот ќе ја направат на улиците, мостовите и спомениците во Вашингтон, наведува „Гардијан“.

Во согласност со програмата за манифестацијата, Трамп се очекуваше да го одржи својот говор пред меморијалниот споменик на Линколн, подигнат во чест на претседателот што победи во Граѓанската војна и кој значително придонесе за ставање крај на ропството во САД. Споменикот исто така е познат и по историскиот говор што го одржа лидерот за човекови права Мартин Лутер Кинг. Па, така, со реакција се јави свештеникот Вилијам Барбер, копретседателот на „Кампањата за сиромашни луѓе“.

– Трамп прави спектакл со тенкови и ракети пред националниот споменик, каде што се одржаа големи протести за граѓански и човекови права во период кога 140 милиони Американци беа сиромашни и со ниски приходи. Трамп смета дека тоа е знак на сила, но всушност станува збор за нарцистичка травестија – порача Барбер.

Настанот се одржуваше во политички непријателска средина за шефот на Белата куќа – на претседателските избори во 2016 година, демократската кандидатка Хилари Клинтон освои над 90 отсто од гласовите во округот Колумбија, додека, пак, Трамп ја доби поддршката на само 4,1 проценти од излезените гласачи. Британскиот весник укажува и на фактот дека изминатите децении, претседателите не се истакнуваа многу во јавноста при годишната прослава на Декларацијата за независност во Вашингтон, бидејќи вообичаено стотици илјади граѓани се собираа пред главниот споменик за непартиски концерти и традиционалниот огномет.

Истовремено, „Вашингтон пост“ наведува дека 2,5 милиони долари, собрани од билети и други давачки на Националната служба за паркови, се потрошен за парадата, голема сума пари што вообичаено се користат за подобрување на парковите во земјата.
Покрај тоа, беше предвидено големиот огномет да биде одржан во близината на Меморијалот на Линколн, наместо на вообичаената локација покрај споменикот на Вашингтон. За присуството во првите редови пред споменикот беа потребни билети, од кои најголем дел резервирани за т.н. ВИП-личности, вклучувајќи ги членовите на семејството Трамп, пријатели и припадници на американската војска.

Но, според некои критичари на Трамп, прикажувањето на воената моќ не е знак на сила, туку на слабост. Реагирајќи на фотографиите со тенкови натоварени на воз, чија крајна дестинација е центарот на Вашингтон, се огласи и бившиот американски амбасадор во Русија, Мајкл Мекфаул.

– Оваа фотографија ме потсетува на парадите на кои присуствував во Советскиот Сојуз. Не е баш добра слика за 4 Јули – порача Мекфаул.
Белата куќа не соопшти колку ќе чини целата прослава. „Гардијан“ потсетува дека Пентагон ја откажа воената парада планирана за минатиот ноември, откако процени дека манифестацијата би можела да чини дури 90 милиони долари.

– Американскиот народ заслужува да знае колку од народните пари претседателот ќе потроши за да ја претвори нивната прослава на 4 Јули во де-факто предизборен митинг – истакна Том Удал, сенатор од редовите на Демократската партија.
Покрај тоа, Советот на округот Колумбија предупреди на големата штета што тенковите би можеле да ја направат врз градските улици.

– Авторитарните работи што тој ги бара, вклучувајќи и тенкови, скапо ќе ги чинат даночните обврзници и може да направат голема штета на локалните патишта и мостови. Ако Трамп го претвори овој настан во уште еден партиски митинг за да го зајакне своето кревко его, тогаш тој мора на американските даночни обврзници да им ја надомести предизвиканата штета – порача демократскиот конгресмен Дон Бајер, кој ги претставува соседните предградија во Вирџинија.

Тој потсети на долгогодишната битка за обезбедување фондови за поправка на структурните проблеми на меморијалниот мост „Арлингтон“, кој секојдневно го користат десетици илјади жители на предградијата на Вашингтон, каде што им се лоцирани работните места.

– Мостот има ограничување за тежина од десет тони, а тенк „абрамс“ тежи над 60 тони – додаде Бајер.

Непосредно пред парадата, претставници на Белата куќа инсистираа дека американскиот претседател нема да зборува за партиски политики и оти во својот говор ќе се придржува до патриотските теми.

– Тоа е апсолутно смешно. Целиот настан е за испраќање поздрав до Америка. Претседателот нема да се осврне на политиката – изјави Хоган Гидли, портпаролката на Белата куќа.


Спорно појавувањето на балонот „бебето Трамп“

Антивоената протестна група „Кодпинк“ доби дозвола за летање на познатиот балон-фигура „бебето Трамп“ во близината на прославата на Доналд Трамп по повод Денот на независноста, но само ако балонот е исполнет со обичен воздух, а не се хелиум. Големиот портокалов балон го прикажува Доналд Трамп како плаче и е облечен само во пелени, а балонот беше во фокусот на јавноста во текот на протестите против неговите две посети на Британија.
– Групата побара од воздухопловните власти отстапка од правилата, за да го лета балонот 60 сантиметри над земјата. Планираме да го летаме балонот, се надеваме со хелиум, ако не со воздух – изјави Медеа Бенџамин, коосновачка на антивоената група „Кодпинк“.
Претходно, лондонскиот градоначалник Садик Кан ги разгневи симпатизерите на Трамп откако двапати даде дозвола за летање на „бебето Трамп“ над британската престолнина, во текот на неговата бизнис-посета во 2018 година и официјалната посета во јуни годинава.