Состојбата е таква што младите иднината ја гледаат надвор од руралните средини. Од друга страна, и цената на млекото е ниска, поради што одвај се покриваат трошоците за производство, па луѓето не се мотивирани да одгледуваат стока за производство на млеко
Производството на млеко во Македонија веќе десетина години е намалено, причините за оваа состојба, како што укажуваат упатените, се иселувањето на жителите од руралните средини, скапата сточна храна, ниската откупна цена за литар кравјо млеко, слабата организираност на фармерите… Оваа категорија со години се бори со слаба организација и константно намалување на интересот за одгледување говеда и за производство на млеко.
Дека секторот се соочува со предизвици истакна неодамна и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески.
– Многубројни се предизвиците со кои се соочува млечниот пазар, но убеден сум дека со помош на иницијативите на групацијата ќе успееме заедно да се избориме со неповолните состојби во овој сектор – рече Азески, додавајќи дека е неопходно спроведување иницијативи за унапредување на млечната индустрија, која е еден од најважните сегменти на агроиндустрискиот комплекс.
Според податоците од извештајот за 2018 година на Агенцијата за храна и ветеринарство, покрај субвенциите по грло и за откупено млеко, бројот на крупниот добиток во Македонија радикално се намалува. На вонреден попис, кој се одржал минатата година, биле попишани 193.250 грла во 23.571 одгледувалиште.
Од друга страна, пак, АХВ во 2018 година регистрирала само 177.200 говеда при проверката на бруцелоза, што е големо намалување во однос на претходните пет години, кога таа бројка се движела од 213 до 229 илјади грла на крупен добиток. Во 2017-та биле евидентирани 214.170, според бројките на АХВ, што значи дека за една година бројката се намалува за околу 37.000. Бројот на одгледувалишта, за една година, е намален од 25.000 на помалку од 20 илјади.
Состојбата со сегашните краварски фарми не е најповолна. Најголем број се импровизирани или адаптирани објекти, блиску до семејните куќи, со мал капацитет и несоодветни услови за производство на квалитетно млеко.
Како што нагласи Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, и иселувањето на луѓето, но и цената на млекото влијае на намаленото производство.
– Големото и масовно иселување од руралните средини, особено на младата популација, е една од причините. Едноставно, нема кој да одгледува стока и да произведува млеко. Состојбата е таква што младите иднината ја гледаат надвор од руралните средини. Од друга страна, и цената на млекото е ниска, поради што одвај се покриваат трошоците за производство, па луѓето не се мотивирани да одгледуваат стока за производство на млеко – смета Станковски.
Една од најважните причини поради кои е забележан пад на производството на кравјото млеко e затворањето на поголем број фарми во државата, сметаат од Стопанска комора на Македонија.
– Ниската годишна продукција на млеко по крава, скапата сточна храна, ниската откупна цена за литар кравјо млеко, слабата организираност на фармерите, честопати недефинираните правила при самиот откуп на млекото, се само некои од причините за падот на млекопроизводството. Честопати фармерите се соочуваат и со проблеми како недостиг од пристапен пат до фармата, немање квалитетна и леснодостапна вода, а во одредени случаи и до електрична енергија – истакнуваат од комората
Оттаму посочуваат дека поголемо производство на млеко во земјава би можело да се обезбеди, пред сѐ, со зголемување на бројот на кравите во државата, потоа со поголема посветеност на селекцијата кај постојната популација крави, но и со набавка на квалитетен, високопродуктивен, здрав и отпорен приплоден материјал во говедарството.
– Неопходно е да ѝ се посвети многу поголемо внимание на исхраната на кравите, потоа да им се даде доволно земјиште за обработка на професионалните фармери или сточари, кои се занимаваат со одгледување крави. Исто така е потребна постојана присутност на научните институции, но и на другите стручни лица од областа на сточарството на терен поради постојано укажување и советување на земјоделците, но и давање насоки на надлежните институции во кој правец треба да се одвиваат работите во иднина – велат од Комората.
Според Евтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци, најтешка е состојбата со цената на млекото, која се движи од 16 до 22 денара, а може да ја постигнат само големите фармери.
– Од 14.000 производители, 11.000 се со 10 крави, па не може да се натпреваруваат со големите фармери. Затоа е добро и тие дополнително да се стимулираат за да бидат конкурентни на пазарот со млекото. Освен тоа, на одгледувачите им треба и урбанизација на шталите што ги поседуваат, зашто голем дел од фармите се блиску до урбаните населби – објаснува Шаклев.
Одгледувачот на крави од Пелагониско, Стево Пиовковски, неодамна истакна дека треба да се стави во функција правилникот за цените со млекото.
– Проблемите во сточарството отсекогаш ги имало. Треба да се стави во функција правилникот за откуп на млеко каде што минималната цена за откуп би била 18, а највисоката до 25 денари. Но во Пелагонија најголем проблем е земјиштето, зашто е потребно повеќе земјоделска површина за големи фарми – вели Пивковски.
Инаку, претходните статистики укажуваа на константно намалување на бројот на свињите и на овците во земјава.