Велосипедот „E3“ (ефикасен, еколошки, економичен) како идеја својот зачеток го доби на годинашнава едукативна работилница „Хајтек ентерпренершип“, која се одржа во Патрас, Грција. Идејата, која беше оценета како најиновативна на настанот, е дело на Викторија Бежовска, магистрантка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, и на нејзиниот тим.
Идејата за пречистување на реките од цврст отпад „Риверсејв“, дело на Нино Ристески, дипломиран инженер за животна средина на Машинскиот факултет во Скопје, исто така, беше оценета како најиновативна на обуката за животна средина во Драч, Албанија. Претставувањето на Македонија го овозможи Центарот за управување со знаење од Скопје, кој беше партнер во проектот „Образование за идеи, пронајдоци и иновации за претприемаштво“, во кој учествуваа 50 претприемачи од пет држави.
Свеченото завршување на меѓународниот проект „И3“, во кој учествуваа и македонски иноватори, беше означено со саем и конференција одржани во Софија, Бугарија. Во проектот, кој траеше две години, освен Центарот за управување со знаење, беа вклучени уште четири партнерски организации од Бугарија, Грција, Албанија и од Кипар. Проектот беше поддржан од „Интерег“, балканско-медитеранска програма 2014 – 2020 на Европската Унија. Негов приоритет беа претприемаштвото и иновациите преку промовирање на регионалниот развој, соработка и поддршка на конкурентноста на балканско-медитеранската област преку развивање, воспоставување и промовирање модел за претприемачко учење и трансфер на знаење за студенти и претприемачи.
– Во текот на дводневниот саем и конференција во Софија, секоја земја партнер во проектот „И3“ на уникатен начин ја претстави областа за која беше задолжена. Пред присутните инвеститори, кои поддржуваат иновации, научниците и пред другите присутни, ние од Центарот за управување со знаење ги претставивме информатичките технологии. Кипарскиот институт за менаџмент беше задолжен за енергијата, искуствените индустрии беа покриени од нашиот партнер од Бугарија, животната средина и екоиндустријата од страна на албанскиот партнер и, на крајот, технологијата од грчкиот партнер. Во овие пет тематски области го имплементиравме моделот на обука „И3“, односно идеи, инвенции и иновации – изјави Андријана Богдановска, директорка на Центарот за управување со знаење.