Иранските власти предупредија дека одлуката на САД за санкции против
врховниот лидер, ајатолахот Али Xамеини, засекогаш ја затвора вратата
за дипломатија помеѓу Вашингтон и Техеран
Иранските власти порачаа дека одлуката на САД за воведување санкции за врховниот лидер на Исламската Република и други високи функционери е „идиотска“ и засекогаш ја затвора вратата за дипломатија помеѓу Техеран и Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот воведе санкции против ајатолахот Али Xамеини и дел од военото раководство на земјата, во чекор без преседан, чија цел е зголемување на притисокот врз Техеран по соборувањето на американското беспилотно летало. Камеини има најголем авторитет во Иран и го има последниот збор за сите државни работи.
Вашингтон исто така се закани дека во текот на неделава ќе воведе санкции и за шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф, кој во 2015 година го постигна договорот за нуклеарната програма со САД и другите светски сили, пренесува „Гардијан“.
Иранскиот претседател Хасан Рохани порача дека Белата куќа е под влијание на „ментална ретардација“ и оти санкциите против Камеини се идиотски, посебно поради тоа што 80-годишниот верски лидер нема имоти во странство, ниту пак планира некогаш да патува во САД. Техеран соопшти дека САД потрошија повеќе недели, барајќи од Иран да ја усогласи својата дипломатија со американската дипломатија, но оти сега се обидува да го имобилизира највисокиот дипломат на блискоисточната земја.
– Воведувањето бесцелни санкции против иранскиот врховен лидер и командант на иранската дипломатија значи постојано затворање на патот на дипломатијата. Очајната администрација на Трамп ги уништува воспоставените меѓународни механизми за одржување на светскиот мир и безбедност – порача Абас Мусави, портпаролот на иранското МНР.
Од друга страна, советникот на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон, инсистира дека американскиот претседател и натаму е отворен за вистински преговори.
– Сѐ што треба Иран да стори е да помине низ таа отворена врата – порача Болтон, кој беше во посета на Израел.
Иран за утре најави дека ќе го прекрши лимитот за поседување збогатен ураниум, кој беше воспоставен со договорот од 2015 година, како одговор на американските санкции и неуспехот на Европа да понуди економска заштита.
Според британски „Гардијан“, иранската одлука, по која ќе следува уште едно посериозно прекршување на договорот на 7 јули, ја става Европската Унија во политичка дилема, бидејќи Франција, Германија и Вашингтон инсистираат на одржување на договорот во живот, но не можат да најдат начин за деескалирање на кризата помеѓу Техеран и Вашингтон.