На градскиот стадион во Штип вчера припадниците на македонската полиција, во состав на одбележувањето на седми мај – Денот на македонската полиција, ѝ презентираа на јавноста дел од своите можности преку низа показни вежби. Граѓаните, како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, можеа да се уверат во подготвеноста на македонската полиција за справување со различни предизвици.
– По сите премрежиња и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи, денеска можам слободно да кажам дека успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба – да биде најцврстиот столб што ја гарантира државноста, јадро на сигурноста и безбедноста на Република Македонија и во исто време, полиција – пријател и заштитник на граѓаните – кажа меѓу другото премиерот Зоран Заев во своето обраќање. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, истакна дека високо на агендата на МВР се реформските процеси преку кои се враќа довербата на граѓаните во полицијата.
– Го реформираме системот за следење на комуникациите, ја зајакнуваме надворешната контрола над полицијата, ја интензивираме соработката со граѓанските организации, дозволуваме да бидеме контролирани и критикувани. И додека сите сме фокусирани на исполнување на очекувањата на граѓаните и јавноста, јас ќе ја преземам одговорноста и ќе зборувам и за очекувањата на припадниците на македонската полиција. Само добро опремена полиција може да се справи со предизвиците на новото време. Само задоволни припадници на полицијата може да одговорат на барањата на граѓаните. Единствено добро обучени и соодветно школувани личности може да носат правилни и разумни одлуки. Затоа, покрај соочувањето со глобалните предизвици, се справуваме и со затекнатите долгови, немањето униформа, лошите услови за работа, вработување со несоодветно искуство и образование. Слика што не доликува на министерство за внатрешни работи на земја што сака да биде дел од НАТО и од Европската Унија – рече Спасовски.