Изборот за водечките функции во ЕУ се врши со демократски процес, кој истовремено претставува тајновит, заткулисен договор, како што демонстрираше Европскиот совет завчера, кога лидерите од Стариот континент дискутираа како да ги пополнат позициите за време на вечера затворена за јавноста, чие траење продолжи длабоко во текот на ноќта, објавува „Политико“. Телефонската мрежа беше попречувана, а присутните не можеа да се консултираат ниту со најблиските соработници.
Ваквата комплексна состојба, нарекувана дискретна демократија претставува особен предизвик за Унијата во време кога евроскептичните популисти, вклучувајќи ги поддржувачите на брегзит, земаа замав обвинувајќи го Брисел за узурпирање на моќта.
Самитот на кој лидерите не успеаја да постигнат договор за изборот на водечките функции во ЕУ носи ризик за отуѓување на дел од гласачите кои покажаа доверба во Унијата на неодамнешните европски избори.
Водечките кандидати за претседателското место на Европската комисија, Манфред Вебер, Франс Тимерманс и Маргарет Вестагер беа елиминирани од трката од страна на лидерите на ЕУ.
– Мислам дека процесите се доста транспарентни. Понекогаш мислам дека се и премногу транспарентни за да бидат ефективни. Формално јас сум организатор на овој процес, а понекогаш мислам дека јавноста знае повеќе за потенцијалните кандидати од мене. Тоа значи дека транспарентноста е на високо ниво – кажа претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, на завршната конференција на Самитот, во обидот за оправдување на начинот на избор.
Згора, дел од водечките функционери во ЕУ ќе ја продолжат дискусијата зад затворени врати, на самитот Г20 во Осака, Јапонија, што ќе придонесе за зголемување на тајновитоста на процесот, пред да се соберат во Брисел на 30 јуни, каде што ќе имаат нов обид за постигнување согласност.