Производството на мали земјоделски парцели е поскапо и неекономично, па главен начин за надминување на проблемот е реорганизирање на земјоделското земјиште и консолидација
Неопходни се многу години, па дури и децении за консолидација на македонското земјоделство. Парцелите што со децении се цепкаа, сега ќе треба да се окрупнуваат за нивната обработка да биде поефикасна. Државниот завод за статистика во последното Структурно истражување на земјоделските стопанства наведува дека вкупниот број земјоделски стопанства во Република Македонија изнесува 178.125. Притоа, едно земјоделско стопанство користи просечно 1.80 хектари земјоделско земјиште.
– Расцепканоста на земјоделското земјиште на повеќе мали парцели е системски проблем на македонското земјоделство. Структурата на македонските парцели не овозможува примена на економски програми што ќе дадат поголема продуктивност или, пак, примена на современи технички решенија и современи технологии – вели деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски.
Производството на земјоделски производи на мали парцели е поскапо и неекономично, па главен начин за надминување на проблемот, според експертите, е реорганизирање на земјоделското земјиште и консолидација, за што веќе е донесен закон и е поставен модел.
Сепак, експертите укажуваат дека процесот на окрупнување на земјиштето ќе трае долго, бидејќи тоа е наследен проблем, каде што со години се делеле парцелите, па сега исто ќе биде потребен подолг период за нивно зголемување.
– Одлуката да не може да се делат парцелите, односно да се ситнат при наследување, делумно ќе помогне и натаму да не се намалуваат парцелите, но за нивно окрупнување сепак ќе бидат потребни години, па и децении. Потребна е широка едукација за придобивките од консолидацијата. Имено, на поголеми парцели производството е поевтино, може да се применат современи технологии и средства, поради што производството станува поекономично и поконкурентно – додава Димитриевски.
Тој посочува дека денес просечната големина на парцелата достигнува 1,85 хектар, за разлика од некогашните 1,35 хектар, што укажува дека окрупнувањето веќе е почнато. Но, сепак, процесот треба да продолжи и парцелите да се зголемуваат. Идеалната големина на парцелите зависи од типот на земјоделското производство, дали станува збор за градинарско, фуражно или, пак, за овошни насади. Дополнително, консолидацијата зависи и од теренот каде што се применува, и многу полесно истата таа може да се воведе на рамнини, отколку на ридско-планински подрачја.
Најголем број од земјоделските стопанства како начин на орање го користат конвенционалното орање и тоа дури 89,6 отсто.
И првиот човек на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров, смета дека процесот на консолидација на земјоделското земјиште ќе се одвива многу тешко и многу бавно. Тој потсетува дека со децении земјоделците го цепкале земјиштето, па дури и во ситуации кога можел имотот да се подели без цепкање на парцелите.
– Од нашите дедовци е останато, имотот кога се дели меѓу синовите да се подели на еднакви делови, тоа значи сите парцели да се поделат, и секој од синовите да добие еднаков дел на повеќе локации. Овие навики сѐ уште опстојуваат поради што тешко ќе оди консолидацијата. Мора да се посвети големо внимание ако сакаме таа да успее – истакна Тантаров.
Претседателката на Национална федерација на фармери, Васка Мојсовска, истакна дека земјоделството како важна стопанска гранка обезбедува 15 отсто од бруто-домашниот производ. Таа потсети дека 180 илјади семејства егзистираат од земјоделството и дека 87 отсто од вкупната површина на државата е рурална.
– Поради овие факти треба да работиме повеќе на земјоделските предизвици. И понатаму во земјоделството најболната точка е пласманот. Цената на производството расте, а продажните цени се ниски. Договорното производство не се почитува – кажа Мојсовска.
Таа посочува дека главни проблеми во земјоделството се нелојалната конкуренција, мал број откупувачи што ги диктираат откупните цени, неорганизираност, недоволна едукација, непостоење стaндардизација…
– Поради ова мора многу да се работи, а ние како федерација излезот го гледаме во земјоделските задруги и во подобрување на дијалогот помеѓу сите засегнати страни. Решенија се и кооперативи, нови пазари и технологии, развој на преработки како додадена вредност, кои самите земјоделци ќе ги произведуваат во домашни услови – истакна Мојсоска.
Од минатата година Македонија, со поддршка од 2,5 милиони евра од Европската унија, го спроведува процесот на окрупнување на земјоделското земјиште преку проектот „Маинланд“, кој ќе трае до август 2020 година.
Како што информираа од Министерството за земјоделство и шумарство, целта е секое домаќинство да поседува земјиште на поголема парцела, со правилна форма, со што ќе се намалат трошоците за обработка, ќе се зголемАТ продуктивноста и можностите за примена на модерни производствени методи и технологии, како и можностите за изградба на подобра рурална инфраструктура.
Окрупнувањето на земјоделското земјиште ќе се одвива преку размена на парцелите со или без промена на формата, до целосно менување на нивните граници, за да се добијат површини погодни за земјоделско производство и со подобрен пристап до патната инфраструктура и системите за наводнување.