Градот Скопје ја почна реконструкцијата на дел од коловозот од булеварот Партизански одреди, што е една од најфреквентните сообраќајници во градот. Екипите на градот Скопје ги извршуваат градежните работи на потегот од крстосницата со булеварот 8 Септември до мостот „Обединети нации“, на должина од два километра.
– На овој дел од булеварот Партизански одреди целосно ќе се замени асфалтниот слој на површина од околу 47.000 квадратни метри, а на автобуските стојалишта ќе биде изведена комплетно нова коловозна конструкција. Нашата цел е да се намали периодот во кој може да настане застој во сообраќајот. Очекуваме реконструкцијата на овој потег да заврши за околу 30 дена и за неа градот Скопје ќе потроши околу 69 милиони денари – вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Поради обнова на коловозот и изведувањето на градежните активности се воведува привремен сообраќаен режим. Во првата фаза ќе биде затворена крајната десна сообраќајна лента на булеварот Партизански одреди на потегот од мостот „Обединети нации“ до крстосницата со улицата Лондонска, во насока на движење кон центарот на градот, но нема да има промена во движењето на автобусите на ЈСП. Градот Скопје апелира до граѓаните да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.
– Заради тоа, уште еднаш ги замолувам граѓаните за разбирање и апелирам на дневна основа да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќајот што ги објавува градот Скопје. Реконструираните улици се побезбедни за сите учесници во сообраќајот, а градот Скопје во исто време работи на наоѓање и на алтернативни сообраќајни коридори за да се избегне метежот во иднина – нагласи Шилегов.