Родителите реагираат на ваквата одлука бидејќи сметаат дека укинувањето на целодневната настава за учениците од четврто и од петто одделение не треба да важи за оние што веќе учат според таа програма, туку да се применува за генерациите што допрва ќе се запишуваат во основно училиште
Стотина родители од неколку скопски основни училишта започнаа со потпишување петиција, откако пред крајот на учебната година им било соопштено дека се укинува целодневната настава до петто одделение.
Родителите реагираат на ваквата одлука бидејќи сметаат дека укинувањето на целодневната настава за учениците од четврто и од петто одделение не треба да важи за оние што веќе учат според таа програма, туку да се применува за генерациите што допрва ќе се запишуваат во основно училиште.
Од Министерството за образование и наука појаснуваат дека законски училиштата мора да обезбедат целодневна настава и дневен престој до трето одделение и дека средствата за таквата намена ги обезбедува министерството, додека за целодневната настава за четврто и за петто одделение пари обезбедува општината на чија територија се наоѓа училиштето и токму локалната самоуправа решава дали ќе финансира ваква дополнителна дејност.
Општините засега се без конкретен одговор за ваквата одлука, иако појаснуваат дека причината може да биде во тоа што нема доволно деца.
– Се чувствуваме изиграни. Го запишавме детето во училиште со целодневна настава бидејќи сакаме тоа да е згрижено додека ние сме на работа, а згора на тоа, да учи и да си ја заврши домашната работа таму. Сега ни најавуваат дека децата од повеќе одделенија ќе бидат собирани во една училница и таму дежурна наставничка ќе ги чува до 15 часот. Ние сме на работа до 17 часот, навистина не знам што ќе правам од септември – вели Владимир Б., родител на ученик во основно училиште во општината Центар.
Тој додава дека одлуката да го запише детето ја донел токму поради можноста за целодневна настава, иако во близината на својот дом имал друго училиште што му е поблиску.
– Треба да се каже отворено кога ги запишуваме децата, што добиваат до петто одделение. Ако ни беше кажано дека ќе има целодневна настава до петто одделение, треба да ја има до петто. Не може на половина школување да се менуваат одлуките. Вака сега ќе се создаде еден општ хаос, во кој веројатно ќе се најдат и наставничките, и учениците и родителите. Да не го спомнувам образовниот фактор, кој сигурно ќе се сведе на пониско ниво. Сега во една училница ќе се собираат по педесетина деца, ниту ќе можат да пишуваат домашна, ниту, пак, нешто ќе учат, а не сакам да помислам што ќе се случува кога ќе почне сезоната на вируси. Се трошат огромни средства за носење разни пејачи и групи од просторите на поранешната држава, а нема пари за нашите деца, срамота – револтирано изјавува Владимир Б.
Од Министерството за образование и наука велат дека одлуката за одржување целодневна настава во четврто и во петто одделение ја носат локалните власти.
– Според Законот за образование, до трето одделение мора да има целодневна настава и дневен престој во сите училишта. Овој трошок го финансира Министерството за образование. За целодневна настава во четврто и во петто одделение одлучуваат општините. Ако имаат доволно пари да ги плаќаат наставничките, тие може да ја продолжат оваа програма, но доколку немаат средства, тие и немаат обврска да финансираат целодневна настава во четврто и за петто одделение – вели Горан Галевски од Министерството за образование и наука.
Од некои од скопските општини што ги контактиравме, кратко ни одговорија дека немаат информации за некакви промени околу концептот на целодневната настава во училиштата што се под нивна ингеренција, но не ја исклучуваат можноста тоа да било направено поради намалениот број на учениците. Други детали не соопштија, притоа додавајќи дека ќе ни достават дополнителни информации откако ќе проверат во надлежните сектори. До затворањето на весникот не ни беа доставени бараните информации.