Централниот одбор на СДСМ избра нови членови на Извршниот одбор, нов организационен секретар и секретар за меѓународна соработка. Лидерот на партијата, Зоран Заев, најави дека на нова седница за десетина дена ќе бидат избрани и нови потпретседатели кои беа разрешени минатиот месец.
Нови членови на Извршниот одбор се Фросина Ременски, Благојче Бочварски, Рената Десковска, Костадин Костадинов, Есра Салихи, Ѓоко Танасовски, Весна Гершан, Васко Талески, Тања Стојановска Иванова, Драган Тевдовски, Салија Љатиф, Стефан Богоев, Кети Василевска, Нина Велкова, Петре Шилегов и Маринела Ојлеска.
Нов организационен секретар на партијата е Душко Весковски, актуелен генерален директор на Водовод – Скопје. А досегашниот советник во владата за меѓународна политика, Дане Талески, ќе дојде на функцијата секретар за меѓународна политика.
Нов директор на центарот за истражување и анализа е Мартин Попов.
Централниот одбор, исто така, го задолжи лидерот на СДСМ и премиер да продолжи со процесот за реконструкција на владата. Односно, како што појасни Заев, ЦО донел заклучок да не се носи одлука за предвремени парламентарни избори и да не се почнува постапка за враќање на мандатот туку власта да продолжи со реконструкцијата на владата.
Заев во изјава за медиумите рече и дека Бундестагот ќе ја направи ратификацијата на извештајот на Европската комисија во септември и дека во октомври се очекува Северна Македонија да добие датум за преговори.
-Без разлика дали ќе добиеме датум во јуни или во октомври, во декември ќе имаме заедничка седница со ЕУ на која ќе бидат отворени поглавјата 20 и 24. Два или три месеци не се важни, туку важно е да биде донесена одлуката- рече Заев.