По четири кола речиси сите од лигата А од Лигата на нациите (ЛН) се во игра и за директен пласман на ЕП, слично е и со најдобрите четири од другите три лиги, па се можни сосема нови двојки во полуфиналињата, во споредба со потенцијалните одредени по завршувањето на ЛН
По четири кола од квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2020 година, на повидок се сосема нови двојки во идните полуфиналиња од Лигата на нациите (ЛН), која, исто така, е дел од квалификациите за пласман на континенталното првенство.
Откако новото натпреварување заврши во ноември лани и беа одредени потенцијалните учесници на фајналфор-турнирите, сега е јасно дека е можно многу од нив на ЕП да се најдат преку редовните квалификации, па со тоа да им го препуштат своето место во плејофот на други селекции, според вкупниот пласман во ЛН.
Така, од лигата А, Португалија, Холандија, Англија и Швајцарија се во конкуренција во своите групи, а на слични позиции се и другите од таа лига, Белгија, Франција, Шпанија, Италија, Хрватска, Полска, Германија и Исланд. Во случај сите овие 12 репрезентации да се пласираат на ЕП преку квалификациите, тогаш фајналфорот од лигата А ќе се пополнува со репрезентациите од лигата Б, и тоа со тие од вкупно петтото место надолу во таа лига. Првите четири би играле плејоф на лигата Б, секако, ако не обезбедат место на ЕП преку квалификациите, па во тој случај и тука пополнувањето на полуфиналните двојки ќе се остварува со послабопласираните во ЛН.
Во лигата Б, пак, од најдобрите четири во ЛН, Украина води во својата група, Шведска и Данска се втори, а БиХ е петта. Од оваа лига во квалификациите високо котираат Русија, Северна Ирска, Република Ирска (водат во групите), Словачка и Турција (втори), а со мала бодовна разлика до вторите места се Австрија, Чешка и Велс.
Во лигата Ц од потенцијалните полуфиналисти Финска е втора во групата, а во игра за директен пласман се и Србија, Норвешка и Шкотска. Од другите од оваа лига најдобри засега се Унгарија (води во групата), Израел (втор) и Романија (трета).
Во лигата Д, Македонија е сигурен полуфиналист, но и во квалификациите е во игра за второто место, оти има три бода помалку од второпласираниот. Во добра позиција е и Косово, со засега третото место во групата, со еден бод помалку од второпласираната репрезентација. Од другите две од четирите најдобри во лигата Д, Грузија е четврта со два бода помалку и еден меч повеќе од второпласираната репрезентација, а Белорусија е без бодови по четири кола.
На ЕП 2020 ќе се пласираат по две најдобри репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи, како и четирите победници на плејоф-турнирите од Лигата на нациите.