Ракометарите на актуелниот првак Вардар вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во рамките на 5. коло од плејофот во домашната Супер лига, високо го совлада градскиот ривал и вице-првак Металург со 37-18 и се на чекор до одбрана на шампионската титула.
Црвено-црните го добија првиот дел со 18-9. Почнаа со водство од три гола, реализирајќи преку Тимур Дибиров, Жоан Кањелас и Иван Чупиќ, додека тимот на Металург првиот гол го постигна преку Жарко Пешевски во 6-та минута, а веднаш го надополни Халил Јагањац. Потоа следеше нова серија на Вардар од 6-0 за водство од 11-4 во 19-та минута, за во финишот на полувремето оствари и 10 гола (18-8). Во вториот дел Вардар беше уште поубедлив и постојано ја зголемуваше разликата, додека од Металург кој играше анемично, сепак се очекуваше многу посилен отпор.
Најефикасни кај избраниците на Раул Гонзалес беа Чупиќ и Кањелас со по шест гола, додека кај избраниците на Александар Јовиќ, Јагањац со четири. Голманот на Вардар Арпад Штербик впиша девет одбрани, а на Метлург, Мартин Томовски 10.
По четвртфиналниот настап во Лигата на шампионите, Вардар одигра три натпревари во плејофот, на гости го совлада Пелистер (43-28) и Пролет (30-20-30) и денеска на свој терен против Металург. Ракометарите од Автокоманда пак, имаат три победи, додека киксираа против Еурофарм работник со кого ги поделија бодовите.
Со денешниот дуел заврши првиот дел од плејофот, црвено-црните се на првата позиција со четири победи, односно максимални 12 бода, Металург е втор со 10, а трет е Еурофарм работник со седум бода. Во вториот дел на табелата се Пролет со четири, Охрид со еден и Пелистер без освоен бод.
Останатите две средби од ова првенствено коло се играат утре во Битола, а силите ќе ги одмерат: Еурофарм работник – Пролет (17.30 ч.) и Пелистер – Охрид (19.30 ч.).