Фото: Дарко Андоновски

Ако пред пет-шест или пред десет години при распишување конкурс за работно место во АРМ за едно место конкурираа по минимум десет луѓе, сега состојбата е драстично сменета и за едно место во војската конкурираат двајца кандидати, тврдат во Независниот армиски синдикат

И интересот на младите за градење кариера како професионални војници стана предмет на дебатата во јавноста откако некои претставници на синдикалните организации во одбраната, но и високи функционери во ресорното министерство излегоа со тврдења дека веќе извесен период, паралелно со трендот на заминување на професионалните војници и офицери од армијата, константно се намалува и бројот на тие што се јавуваат на огласите за вработувања. Тоа, се разбира, не го потврдуваат и во армијата, од каде што неофицијално изјавуваат дека интересот сѐ уште е голем.

Сепак, за потсетување е неодамнешната изјава на заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, според кого, во армијата владее тренд на доброволно откажување од работните позиции и за да се запре овој тренд, меѓу другото, се планира и зголемување на платите за пет отсто, од септември.

– Ако ги погледнеме статистиките во последниве години, се разбира дека 2018 година во однос на доброволните откази, покрај другите откази, е малку повисока. Ова може да се каже дека е резултат на тренд кај младите – изјави заменик-министерот Максути.
Од Независниот армиски синдикат, пак, истакнаа дека војската во последно време се соочува со намален прилив на нови кадри во армијата.

– Ако пред пет-шест или пред десет години при распишување конкурс за работно место во АРМ за едно место конкурираа по минимум десет луѓе, сега состојбата е драстично сменета и за едно место во војската конкурираат двајца кандидати. Тоа може многу лесно да се препознае и на последниот конкурс за војници, кога за вкупно 185 работни места аплицираа околу 370 кандидати. Тоа дополнително ја отежнува целата состојба бидејќи на ваков начин сега и дополнително се намалува и можноста за избор на најквалитетни кадри за во АРМ – заклучија од Независниот армиски синдикат.

Од АРМ не дадоа официјален одговор на овие тврдења, но информираа дека интересот за кариерата во војската секогаш е висок меѓу граѓаните и скоро секоја година, како што рекоа, е во нагорна линија. Оттаму тоа го аргументираат со фактот дека ако се погледне само минатата година, ќе се заклучи дека при ланското вработување на 375 војници во 3 редовни циклуси за едно работно место аплицирале во просек по три лица, кои претходно доброволно отслужиле воен рок во касарната во Велес и кои ги исполнувале сите законски услови за вработување.

Универзитетскиот професор Атанас Козарев, во својот осврт на случувањата, заклучува дека иако во моментов нашата војска се соочува со намален интерес на младите за ангажман во војската, и тоа поради повеќе причини, сето тоа, најверојатно, во иднина ќе се промени на подобро поради најавените измени во Законот за служба во АРМ. Професорот очекува дека, освен новините, кои се неопходни за наше членство во Алијансата, во законот ќе се имплементираат и позитивни практики во однос на мотивирањето, преземени од државите-членки на НАТО.

Инаку, Министерството за одбрана (МО) неделава објави оглас за прием на нови 125 професионални војници за период од три години со можност за негово продолжување повеќе пати, но најмногу до навршување на 45-години возраст.
Во конкурсот пишува дека кандидатите мораат да имаат завршено најмалку средно образование, да имаат доброволно отслужено воен рок и да не се постари од 25 години на денот на завршување на објавениот оглас.


Ги „регрутираат“ преку медиумски кампањи

Некои од државите од нашето опкружување изминативе години спроведуваат јавни кампањи за зголемување на интересот на младите, кои својата идна кариера би ја пронашле во редовите на армијата. Во соседна Бугарија, поради нискиот интерес за вработување во војската, во медиумите е активна кампањата насловена „Биди војник“, со која, според властите во Софија, се мотивираат тамошните млади да станат дел од вооружените сили на источниот сосед.

Нешто слично се случува и во Србија, каде што во тек е кампањата „Биди дел од војската на Србија“, која ги има истите крајни цели за поттик за ангажман во армијата.

[email protected]