Повеќе од 20 екипи од осум града во Македонија беа дел од завршниот турнир во 13-та сезона на мини-лигата во која викендов продефилираа повеќе од 300 млади ракометари и ракометарки
Екипите на Колибри од Скопје, Астра спорт од Македонска Каменица, Ре-медика од Скопје и Тиквеш од Кавадарци се годинашни шампиони во најстарото и најмасовното клупско натпреварување, мини-лигата на ракометната академија на Металург. Повеќе од 20 екипи од осум града во Македонија беа дел од завршниот турнир во 13-та сезона на мини-лигата во која викендов продефилираа повеќе од 300 млади ракометари и ракометарки.
И сезонава натпреварувањата се одвиваа во три старосни категории, и тоа родени до 2008 година, потоа во 2006 и 2007 г. и во 2004 и 2005 година, во машка и во женска конкуренција. Сите натпревари на финалниот турнир поминаа борбено, драматично и изедначено како никогаш досега, а како потврда на тоа е што дури во три натпревари победникот мораше да се решава со изведување пенали.
Во генерацијата 2008 и помали во женска конкуренција, првото место го освои екипата Колибри од Скопје на тренерката Даниела Тасевска, а вицешампионската титула замина кај девојчињата од екипата на Хандбал старс од Кичево на тренерките Вања Бошковиќ и Дијана Илиоска. За најдобра меѓу девојчињата на турнирот беше прогласена Дијана Стојановска од Колибри, а за најдобра голманка беше избрана Јана Најдеска од Хандбал старс. Кај момчињата од генерацијата 2008 и помали од оправдани причини не се одигра финалниот меч меѓу екипите на Тиквеш (Кавадарци) и Бетон (Скопје).
Во генерацијата 2006/2007, девојчиња, првото место го освои Астра спорт од Македонска Каменица на тренерката Мирјана Гошевска, а на втората позиција завршија девојчињата од екипата на Нова Македонија на тренерката Тања Димитриоска. Признанието за најдобра меѓу девојчињата го доби Стефанија Филиповска од Астра спорт, а за најдобра голманка Сара Марковска од Нова Македонија. Кај момчињата од таа генерација првата позиција ја освои екипата на Ре-медика на тренерката Габриела Миленковска, а второпласирани се момчињата од Репро 21 на тренерката Тасеска. Најдобар играч во оваа старосна група беше Наум Антевски од Репро 21, а најдобар голман имаше тимот на Ре-медика, Лука Стојчевски.
Во генерацијата 2004/2005 титулата замина во рацете на момчињата од Тиквеш од Кавадарци на тренерот Кире Василев, кои победија на дуелот со своите врсници од Младинец од Кочани на тренерот Димитар Филипов. Наградата за најдобар играч ја освои Јордан Милков од Тиквеш, а најдобар меѓу стативите беше Ненад Зафировски од Младинец.
Годинашен партнер на мини-лигата на Металург беше реномираната компанија „Виталија“, која се занимава со производство и продажба на здрава храна. Оваа компанија со дел од својата палета производи придонесе за дополнување на потрошената енергија на ракометните фиданки на Металург и ја врати свежината на веселите детските лица што уживаа во дружбата и натпреварите.