Откако претходно беа организирани велосипедски тури до селата Свињишта и Атишта, викендов беше спроведена и третата тура од активноста „Кичево на велосипед“. Овој пат велосипедската тура беше на релација Кичево-Добреноец и како на претходните две така и вчера, одзивот на љубителите на рекреативното возење, чистата природа и дружбата беше голем.
Велосипедистите стартот на турата го имаа на кружниот тек кај поранешната штрафара, потоа првата етапа ја завршија во село Добреноец, каде во еден локал крај река Студенчица се освежија и одморени се вратија назад до појдовната точка во Кичево.
-И на третата тура „Кичево на велосипед“ што ја реализиравме викендов, одзивот на љубителите на рекреативното возење беше голем и во истата зедоа учество велосипедисти од сите возрасти почнувајќи од најмладите па се до повозрасните. Велосипедската тура беше со должина од дваесетина километри, а нејзиниот старт беше од Кичево, со краток одмор во Добреноец и повторно враќање назад, до местото од каде што започна турата. Оваа активност ќе продолжи и во наредните викенди, кога планираме да организираме тури и до други селски населби во општината. Најважно од се за сите нас е дружењето и престојот во природа, а се поголемиот одзив на граѓани кои се љубители на рекреативното возење е потврда колку за сите е важно за здравјето и чување на чистата природа- истакна Ана Пејовска, еден од зачетниците на оваа активност во природа.
З.А.