Двата водечки тима сезонава, Манчестер сити и Ливерпул, освоија рекордни 195 бода, 14 повеќе од ланските 181 на двата манчестерски тима, Сити и Јунајтед, и забележаа рекордни 62 победи (32 и 30)

Англиската Премиер-лига, честопати нарекувана и најдобрата фудбалска лига на светот, го заслужи тој епитет во штотуку завршената сезона 2018/2019.
Манчестер сити е првата екипа, по Манчестер јунајтед во 2008/2009, што ја одбранува титула, за нив четврта во последните осум години, освојувајќи импозантни 98 бода (само два помалку од рекордните 100 од лани). Ливерпул заостана само еден бод зад Сити, заврши на второто место, не успеа да го прекине постот долг 29 години и да ја освои 19-та шампионска титула.

Двата водечки тима сезонава освоија рекордни 195 бода, 14 повеќе од ланските 181 на двата манчестерски тима, Сити и Јунајтед, забележаа рекордни 62 победи (32 и 30) и претрпеа рекордни само пет порази (Сити четири, Ливерпул еден), еден помалку од шесте на Челси и на Арсенал (2004/2005), односно Манчестер јунајтед и Ливерпул (2008/2009). Сити ги доби последните 14 меча сезонава (18 од 19), а Ливерпул последните девет.
Ливерпул како второпласирана екипа има освоено најмногу бодови во сите пет европски лиги, надминувајќи го Реал (96) од сезоната 2009/2010. Првак на Шпанија таа сезона беше Барселона предводена од Пеп Гвардиола (99).
– Ова беше најтешко освоената титула во мојата кариера. Моравме да ги добиеме 14-те последни натпревари, да дадеме максимум и да бидеме подобри од еден извонреден тим како што е Ливерпул – изјави Гвардиола за кого ова беше осма тренерска титула во последните 10 сезони.
Сити го израмни ланскиот рекорд од 32 победи и е петтиот тим што ја надминува бројката од 30 победи во сезона. Фудбалерите на Сити дадоа 163 гола во сите конкуренции, подобрувајќи го претходниот рекорд од 156 гола, постигнати во сезоната 2013/2014.

Сити и Ливерпул 32 пати се менуваа на лидерската позиција на табелата сезонава надминувајќи го претходниот рекорд од 2001/2002 кога Арсенал (стана првак), Манчестер јунајтед и Ливерпул 28 пати се менуваа на врвот.
Ливерпул, кој освои рекордни 97 поени за вицепрвак, шест повеќе од Лидс, 91 (пресметани во три поени) во сезоната 1970/1971 ќе беше првак со сите шампионати, освен лани и годинава. Во ерата на Премиер-лигата (и три бода за победа), Манчестер јунајтед освои 89 бода во сезоната 2011/2012, но заврши на втората позиција поради послаба гол-разлика!

– Ливерпул стори сè за да ја освои титулата, но завршувањето на второто место зад Сити е само првиот чекор. Сакавме да ја напишеме сопствената историја и тоа го направивме. Тимот направи многу големи исчекори последнава година и тука нема да застанеме – изјави за Би-би-си, менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. 


Агуеро како Анри и Ширер

Серхио Агуеро (Манчестер сити) сезонава постигна 21 гол, еден помалку од Пјер-Емерик Обамејанг (Арсенал), Садио Мане и Момахед Салах (Ливерпул), но си обезбеди место во премиерлигашката историја. Тој е вториот фудбалер што дава 20 и повеќе голови во шест различни сезони. Поуспешен во таа категорија од него е само Алан Ширер, кој седум сезони (три во Блекбурн и четири во Њукасл) постигна 20 и повеќе голови. Агуеро даде 20 и повеќе голови пет сезони во низа со што се израмни со Тиери Анри (Арсенал).
Напаѓачкиот тандем на Ливерпул, Садио Мане и Мохамед Салах, е четвртата тимска двојка што постигнува над 20 гола во Премиер-лигата. Претходно тоа им успеало на Ендрју Кол (34) и на Питер Брдсли (21) од Њукасл во сезоната 1993/94, на Дидие Дрогба (29) и на Франк Лампард (22) од Челси во 2009/2010 и на тандемот на Ливерпул, во 2013/2014, Луис Суарез (31) и Даниел Стариџ (21).


Ливерпул ќе заработи повеќе пари од Сити

Вицепрвакот Ливерпул ќе заработи повеќе пари од шампионот Манчестер сити, оти е попопуларен, односно бидејќи 29 нивни натпревари биле пренесувани во живо на БТ и на Скај спорт. Зад Ливерпул се Манчестер јунајтед со 27 и Манчестер сити со 26 преноси во живо.
Весникот „Мејл он сандеј“, пресметал дека Ливерпул ќе инкасира околу 150 милиони фунти сезонава, 1,4 милион повеќе од Сити. Трите клуба што се селат во понизок ранг, во Чемпионшип, Хадерсфилд, Фулам и Кардиф ќе добијат меѓу 94 и 100 милиони фунти!
Секој премиерлигашки клуб добива по 12,5 милиони фунти за пренос по натпревар, плус екстра 1,2 милион, ако е на ТВ повеќе од 10 пати. На секој клуб загарантирани му се по 10 преноси во живо. Но сезонава Борнмут, Саутемптон и Хадерсфилд ги имаше по осум пати на ТВ.


Англија може да има пет тима во ЛШ

Четирите најдобри тима, Манчестер сити, Ливерпул, Тотенхем и Челси си обезбедија настап во Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона 2019/2020.
Но Англичаните имаат можност да партиципираат и со пет тима во ЛШ доколку Арсенал го совлада Челси во финалето на ЛЕ. Во случај на пораз „топчиите“ ќе играат во утешната ЛЕ, заедно со Манчестер јунајтед. Во ЛЕ би можел да се најде и Вулверхемптон, кој е седмопласиран, доколку Сити го совлада Вотфорд во финалето на ФА-купот, в сабота, 18 мај на „Вембли“.