Сме виделе многу страшни работи, но никогаш не сме виделе вакво нешто. Досега пронајдовме две тела во куфери фрлени во езеро. И двете тела беа многу распаднати. Тешко е за човековиот ум да се опорави од ваква глетка, вели Маркос Транголас кој ја предводи специјалната единица што трага по жртвите на серискиот убиец во Кипар, во случајот што ја шокира островската држава, пренесува „Гардијан“.
Ниту еден настан во последните неколку години не го нарушил мирот на Кипар како убиството на седум странци, пет жени и две девојчиња, чие исчезнување првично било игнорирано. Доколку случајно не било откриено тело во пределите поплавени со дожд, полицијата веројатно никогаш немаше да започне истрага која довела до апсење на капетан на армијата на Кипар, за кој властите тврдат дека признал во пишана форма, оти негова цел биле жените на нископлатени работни места во домаќинствата. Водени од неговото сведочење, истражувачите откриле пет тела.
– Шокирани сме, како и сите други. Имаме многу прашања – додал Транголас, кој е шеф на кипарската противпожарна служба.
Минатиот викенд, специјализирани нуркачи со помош на роботска камера пронашле потонат куфер во калливите води на црвеното езеро, во кој се наоѓале остатоци од човечко тело.
– Ние сме професионалци но сепак не можевме да ги сокриеме солзите. Беше тешко да ги контролираме емоциите кога го извадивме куферот на површина и го видовме она што беше во него – рекол тој.