Време е да го разбудите дворот од зимскиот сон! Извадете ги цвеќињата надвор, направете нови полици на кои ќе ги изложите, додадете неколку светилки за поромантична атмосфера и направете си уникатен мебел за вашата градина.
Ќе ви предложиме неколку идеи со кои сами ќе си го разубавите и уредите дворот. Сето тоа ќе ви одземе неколку часа од вашето слободно време, но ќе ви заштеди добар дел од вашиот семеен буџет.
Најпрактична примена за уредување и разубавување на вашиот двор имаат старите дрвени палети, од кои можете да направите безброј комбинации и варијации. Потребно е само да ги вклучите вашата фантазија и креативност. Дадете им малку живост со фарбање во некоја боја и од нив направите гарнитура за седење, масичка, полици за цвеќиња и сл.
Практична примена во дворот можат да имаат и старите автомобилски гуми. Во комбинација со дебело јаже и лепило, од нив можете да направите табуретки за седење во дворот. Исто така можете да ги искористите и како уникатни висечки жардиниери за цвеќе или, пак, да ги искористите како скалести саксии во дел од дворот. Наполнете ги со земја и закачете ги со синџир или ортома на ѕидот или на гранките од дрвата, а во вториот случај затворете го едниот отвор, наполнете ги со земја, засадете цвеќе и креирајте цветен аранжман.
Со малку умешност и фантазија со сечење и составување на старите автомобилски гуми можете да направите уникатни декорации, како бунар, лебеди, жаби и сл., со кои дополнително ќе внесете разиграност и свежина во дворот. Од старите гуми можете да направите и лулашка за вашите деца, а ако имате големи камионски гуми, нив можете да ги искористите како основа за мало базенче.
Доколку во визбата имате стари дрвени или лимени буриња, со малку боја, неколку штици и стари перничиња можете да си направите практичен сет за седење, масичка или, пак, лимена скара.
Наместо да ги чувате спакувани во кутија до следните празници, белите новогодишни светилки закачете ги на дрвјата за комплетирање на атмосферата за вечерните седенки со пријателите во градината.
Ако ви останале неизгорени трупци од зимата, со нив, низ тревникот во дворот можете да си направите уникатни патеки. Потребно е само да ги исечете со дебелина од околу 10-15 см и да ги наредите врз ситна камена или песочна подлога. За изработка на декоративни патеки во дворот можете да користите камени плочки и стари дрвени штици.
Практична примена можете да им најдете и на старите бетонски блокови што ви останале од некоја градба во домот. Во комбинација со дрвени штици можат да бидат ногалки за клупа во вашата градина или, пак, од нив да си изѕидате мал шанк. Бетонските блокови наполнети со земја можат да ја добијат и улогата на саксии, со кои ќе направите бетонски цветен аранжман во некој ќош од дворот.