Со почеток во 20 часот вечерва во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци ќе се одржи концерт на џез музика со Марија Димитријевиќ – вокал, Виктор Филиповски – тапани, Кирил Туфеџиевски-контрабас и Гордан Спасовски- пијано.
Марија Димитријевиќ е родена во Ниш соседна Србија, во 1992 година дипломира на Факултетот за музичка уметност „Кирил и Методиј“ во Скопје во класата на професорот Благоја Николовски. Од 1993 до 1996 година е постојан член на камерниот оркестар на Радио Телевизија Скопје и истовремено е постојан хонорарен соработник на Македонската Филхармонија.
Моментално е вработена во Македонската опера и балет каде свири на инструментот виола. Нејзините настапи како џез пеачка датираат уште од 1993 година со квартетот „Ноќ и ден“ со кој остварува значајни настапи. Со богат џез репертоар следат многу соло настапи и надвор од Македонија на фестивали во Србија, Албанија и Грција и Германија.
Значајно е да се спомене дека игра главна улога во мјузиклот „Life is Cabaret„ во режија на Наташа Поплавска, а во 2010 година со својот состав Марија џез трио ( квартет) издава албум под наслов „Make someone Happy“.
Мирјана Мукаетова