Неговиот музеј денес го сочинуваат близу 200 вида машини со различна примена и старост
Домот на кичевскиот пензионер Анѓелко Трпески е претворен во вистински музеј на стари машини за пишување, сметање, шиење, регистар-каси и други прецизни апарати, кои денес не се во употреба. Сите овие предмети тој ги сместил на еден кат во семејната куќа.
Поттик за создавање на оваа музејска колекција му дал неговиот занает, кој го изучил во Загреб во 1961 година, откако претходно го завршил военото образование и работел во Ремонтниот завод во Загреб.
– Паралелно со военото образование го завршив и училиштето за механика и оптика во Загреб и цели 24 години поправав секаков вид машини во Ремонтниот завод во Загреб. За овие услуги трошев и дел од моето слободно време. Во овој завод работев до 1985 година, кога се вратив во родното Кичево и, каде што покрај работата во армијата, дополнително продолжив да поправам машини за пишување за сите административни служби во градот и за оние претпријатија на кои им беше неопходна мојата услуга. Се едуцирав за поправка на 90 вида машини за пишување. Понекогаш ми беа потребни и 24 часа за да отстранам некој дефект – вели мајстор Анѓелко.
За неговата умешност се дознало и во соседните градови, па тој бил постојано баран и ангажиран.
– Покрај тоа што повеќе од три децении поправав машини за пишување, сметање, скалари, вектори, за краток период успеав да ги совладам тајните на 59 вида машини за шиење, плетење и други видови прецизна опрема. Работа имав нонстоп, сѐ до 1993-1994 година, кога почна транзицијата и оваа техника почна да ја губи претходната важност. И тоа ме натера од старите машини, кои сѐ помалку беа во употреба, да создадам приватен музеј, кој го дополнувам повеќе од три децении – додава Трпески.
Тој посочи дека луѓето соочени со губењето на важноста на овие машини, почнаа за мали пари да ги продаваат и за само 500 денари можело да се набави солидна машина за пишување или сметање, а тоа помогнало забрзано да ја збогатува домашната музејска колекција. Неговиот музеј денес го сочинуваат близу 200 видоа машини со различна примена и старост.
– Не планирам да престанам со збогатување на оваа колекција, бидејќи и денес има луѓе што знаат дека собирам машини и ми ги нудат речиси без пари. Староста на машините е различна, некои се стари и 80 години, а составени се од речиси 5.000 дела – вели трпеливиот Анѓелко.
Тој има желба колекцијата да се претвори во трајна поставка, која ќе можат да ја видат голем број граѓани и гости од други градови.