Но на фудбалерите нема да им наметнеме притисок дека мора да се пласираме на финалниот турнир во 2021 година, вели Милевски, кој повторно е селектор на селекцијата за фудбалери до 21 година, откако во циклусот за ЕП 2017 ја одведе репрезентацијата на дебитантскиот континентален собир
По мала пауза Благоја Милевски повторно, во следните две години, ќе ја предводи репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година. Под негово водство Македонија првпат се пласира во завршницата на едно европско првенство (ЕП), тоа во Полска во 2017 година.
– Чест ми е и задоволство што повторно ќе соработуваме и се надевам дека тоа ќе има успех. Се наоѓаме пред предизвик, во тешка група сме во која Шпанија е фаворит, но и група во која ќе се надигруваме со сите ривали. Имавме селективен камп во Анталија, одигравме три меча и сите фудбалери добија шанса да се истакнат.
Целта е пласман на ЕП, но на фудбалерите нема да им наметнеме притисок дека мора да се пласираме на финалниот турнир. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Комплексот од пониска вредност е зад нас, а тоа е поткрепено и со А-селекцијата во која има шестмина стандардни играчи од поранешната млада репрезентација и уште тројца, кои се меѓу 18-те – рече Милевски на официјалната промоција додавајќи оти до ФФМ ќе предложи модифицирање на правилото за настап на фудбалери до 21 година во клубовите, за тие да играат најмалку 45 минути.
Македонија во септември ги почнува квалификациите за ЕП 2021, чија завршница ќе биде во Унгарија и во Словенија и на кое ќе учествуваат 16 репрезентации. Македонија е во групата 6, со Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарските Острови. На ЕП директно ќе се пласираат првопласираните од деветте групи и второпласираната со најдобар скор, а другите осум второпласирани ќе играат во баражот.
– Се надеваме дека со Милевски ќе го повториме успехот, а тоа е повторен пласман на ЕП. Ќе биде многу тешко, меѓутоа со враќањето на Милевски се враќа и надежта кај сите нас. Апсолутно е тешко да се ветува пласман на ЕП, но верувам дека ќе се бориме за висока позиција во групата – изјави Зоран Стратев, техничкиот директор на младите национални селекции.