Пуштен е во употреба новиот филтер на инсенераторот за медицински отпад, кој ќе ги намали емисиите на штетни честички

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, го пушти во употреба новиот филтер на инсенераторот за согорување медицински отпад на депонијата „Дрисла“. Печката за согорување медицински отпад беше надвор од употреба и функција во последните неколку месеци, по контролата на Државниот инспекторат. Тој тогаш заклучи дека таа не ги исполнува критериумите за дејноста што ја врши, а работеше и го загадуваше Скопје со години. Според најавите, новопоставениот филтер ќе се користи сè до поставувањето нова печка.

Првиот човек на градот, Шилегов, изјави дека „Дрисла“ повеќе нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче. Тој објасни дека поставениот филтер на инсенераторот за согорување медицински отпад ги апсорбира ПМ 10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честички што се ослободуваат при согорувањето и е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за живота средина.

Градоначалникот исто така истакна дека пред поставувањето на филтерот и негово пуштање во употреба, се извршени тестирања за неговата работа што покажале одлични резултати. При тестирањата утврдено е дека просечното количеството на издувните гасови јаглерод моноксидот, азотните оксиди, сулфурните оксиди и ПМ 10 честичките не ги надминуваат граничните вредности во согласност со правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување.
Филтерот се состои од механички фаќач на ПМ-честички, ладилник, активен јаглен, порозна бронза и прскалка со водена магла. Над прскалката со водена магла е оџакот на кој има отвор за приклучување сонди за мерење.
Покрај инсталирањето на филтерот, за да се креира целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката, нафта, е заменето со гас. Со оваа промена, се работи за да се најдат долгорочни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје во зимскиот период, а ова е само еден од чекорите до трајно решение.

Многумина од граѓаните се задоволни со поставувањето на филтерот, но сметаат дека ова е само дел од промените што треба да се спроведе за да се намали загадувањето, особено во зимскиот период.
– Филтри на печки за медицински отпад се користат секаде во светот веќе со години. Страшно е што досега немало филтер и населението се труело, но ова е добра промена. Добро е што се посветува внимание на проблемот со загадувањето сега, за кога ќе дојдат зимските денови, условите во градот да бидат значително подобрени – вели Илија Г. од Драчево.
Од градот велат дека депонијата „Дрисла“ поседува А-интегрирана еколошка дозвола и собраниот отпад го депонира во согласност со европските стандарди, а со поставениот филтер се исполнуваат сите стандарди и законски регулативи. Загадувањето на воздухот дефинитивно ќе биде намалено, но останува да видиме кои ќе бидат следните чекори на локалните и на градските власти во борбата со загадувањето на Скопје.  С.Р.


Новиот филтер покажува позитивни резултати

Според информациите од градот, мерењата од новиот филтер на инсенераторот за медицински отпад покажуваат одлични резултати. Параметрите при тестирањата покажуваат дека филтерот ќе помогне многу при намалување на загадувањето. Количеството на јаглерод моноксидот во емисиите изнесувало 140,09 микрограми на кубен метар од дозволени 150, азотни оксиди 60,71 од дозволени 400, сулфурдиоксид 23,22 микрограми на кубен метар максималната граница од 200. Исто така, намалено е и количеството на измерени цврсти честички ПМ 10, која изнесувала 25,84 микрограми на кубен метар од граничната вредност на 30 микрограми. Врз основа на овие резултати, донесен е заклучок од надлежните институции дека просечните концентрации за емисија не ги надминуваат граничните вредности.