Во просториите на ИНТЕГРА Македонска конзервативна партија денеска се одржа првата тематска прес конференција во врска со донесувањето на двата предлог-закони за Агенција за национална безбедност и за координација на безбедносно разузнавачката заедница.

Претседателот на ИНТЕГРА Македонска конзервативна партија д-р Љупчо Ристовски изјави дека безбедноста е темелот на едно општество.

– Безбедноста е темелот не едно општество, внатрешната и надворешната безбедност се услов без кој што не можеме да ја внесеме нацијата и државата во прогрес и просперитет. Тие ја гарантираат сигурноста на поединецот и нацијата, ја овозможуваат слободата за творење и личниот потенцијал на индивидуата, и затоа токму на безбедноста во нашата платформа посветуваме значајно внимание. Македонските граѓани ќе мора да се чувствуваат сигурни во своите домови и на работните места. ИНТЕГРА ќе стори се што е неопходно да влијаеме на процесите кои ќе го овозможат ваквиот статус на поединецот и нацијата. Ќе може да влеземе во зона на општа релаксација што ќе го означи почетокот на враќање на надежта дека и во политиката некој ќе води сметка за сите граѓани без исклучок. Соочени со брзорастечкиот тренд на убиства, самоубиства под неразјаснети околности, силно изразените сомневања и неумешно контрааргументирани од страна на властите за се позачестените гласини дека станува збор за трговија со човечки органи, како и со сериозно нарушената доверба на јавноста и власта, и особено во безбедносните структури на државата, ИНТЕГРА ќе застане на страна на нацијата, на секој еден кој на било кој начин ќе се почувствува загрозен, уценет или притиснат од било кого, од позиција на власт, моќ и влијание, ќе мораме нацијата да ја ослободиме од стравот од сите видови на заплашување, од секаков облик на притисок врз било кого. Таквиот облик на притисок мора да испари од општеството, да ја вратиме на сцена сигурноста и слободата на духот на поединецот и на нацијата во целина – истакна Ристовски.

Проф д-р Марина Малиш Саздовска напомена дека донесувањето закони за реформа
само на Управата за безбедност и контраразузнавање е делумна реформа. Имено,
Управата за безбедност и контраразузнавање во рамки на Министерството за
внатрешни работи, која е предмет на реформата, претставува дел од разузнавачката
заедница која ја сочинуваат и Агенцијата за разузнавање под ингеренции на
Претседателот и Военото разузнавање во рамките на Министерството за одбрана.
Оттука, донесувањето на овие предлог-закони би требало да се одложи со цел системски реформски зафати на севкупната безбедносна сфера во земјата.

Но, доколку сепак се продолжи со започнатата процедура се предлагаат следниве
измени во предлог-законот за Агенција за национална безбедност:

1. Член 19 кој го уредува начинот на делување на Агенцијата за национална безбедност, ставот што се однесува на следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации со посебни технички уреди и опрема, без посредство на ОТА и операторите, да се брише. Образложение: ОТА се формира со цел изземање на УБК од сферата на следење на комуникациите, заради превенирање на можни злоупотреби од страна на службата. Оставајќи ги овие ингеренции во новоформираната Агенција за национална безбедност, повторно останува можноста посебните истражни мерки да се применуваат паралелно со следењето на комуникации од страна на ОТА; што повторно создава можност за можна злоупотреба.

2. Член 72 кој предвидува вработување кадри без јавен оглас и член 73 за
засновање на работен однос со спогодбено преземање, да се бришат. Овој предлог се
базира на фактот дека на тој начин би се вработувале партиски кадри на „мала врата“ и би се вршела селекција на кадри без јавност, на нетранспарентен начин, без утврдени критериуми, не обрнувајќи внимание на стучност и професионалност и без адекватно образование. Постојат бројни невработени кадри на дипломирани криминалисти кои можат да одговорат на предизвикот за работа во сите сфери на безбедносните и разузнавачки органи и институции и оттука предлагаме нивно вработување, наместо на кадри кои не се ниту стручни ниту едуцирани за безбедносната област.

Предлог измени во предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката
заедница:

1. Член 7 потполно да се измени, бидејќи преголема моќ се концентрира во
рамките на надлежностите на Премиерот, недоволно е присуството на директорот на
Агенција за разузнавање како дел од тимот на Претседателот на државата во Советот.

2. Член 11 да се измени бидејќи е незамисливо Претседателот да биде само известуван од страна на советот за ризиците и заканите за национална безбедност и да нема активна улога во следењето на актуелните состојби и донесување на одлуките, бидејќи покрај другото, тој има улога и на Врховен командант на вооружените сили во услови на криза.

Воислав Зафировски, осврнувајќи се предлог реформата, истакна дека приоритетна цел претставува формирање на систем на служби за безбедност кои ќе бидат флексибилни на новите предизвици.

– ИНТЕГРА Македонска конзервативна партија ја информира јавноста, ги информира граѓаните на Република Македонија дека наша приоритетна цел во сферата на безбедноста е да формираме токму таков систем на служби за безбедност, кои ќе бидат флексибилни и лесно прилагодливи за новите современи предизвици; безбедносен систем кој нема да биде оптоварен со политика, политички пазарења и клиентелизам; систем кој ќе биде ефикасен и ефективен во заштитата на имотот, личната сигурност и слободите и правата на сите граѓани на Република Македонија; систем кој нема да биде обременет со непродуктивна и непотребна администрација; систем кој ќе располага со моќни аналитички и истражувачки капацитети, така што целите кои ќе бидат поставувани пред службите ќе произлегуваат од аналитичко истражните центри, од стручните и компетентни полициски стратези, а не од политичките елити, систем во кој стручните и компетентни кадри ќе имаат предвидлива развојна кариера која ќе биде поставена на мерлив систем. Исто така тој систем ќе има исклучително силни механизми на експертска, граѓанска и Собраниска контрола и надзор, со јасно дефиниран опсег на надзорот и контролата. Во креирањето на еден таков сериозен систем на внатрешна безбедност ќе се оди чекор по чекор, применувајќи стандардна методологија која и до сега се применува секаде во светот, се разбира, освен кај нас – кажа Зафировски