Не сме подготвени да учествуваме во тоа натпреварување поради пренатрупаниот календар. Имајќи го предвид ова, ние сме повеќе од расположени да поразговараме за неки промени во иднината, вели Андреа Ањели, претседателот на ЕКА и на Јувентус
Европската асоцијација на клубови (ЕКА), која претставува повеќе од 200 европски фудбалски клубови, на состанокот во Амстердам потврди дека нејзините членки нема да учествуваат на клупското Светско првенство (СП) во 2021 година, што го заговара Светската фудбалска федерација (ФИФА), јавија британски медиуми. Сепак, од ЕКА додаваат дека ќе размислат за промена на ставовите доколку ФИФА е подготвена за промени во календарот на меѓународните натпревари.
– Не сме подготвени да учествуваме во тоа натпреварување поради пренатрупаниот календар. Имајќи го предвид ова, ние сме повеќе од расположени да поразговараме за неки промени во иднината – изјави Андреа Ањели, претседателот на ЕКА и на Јувентус.
Ањели се пожали дека ФИФА им дала премалку информации околу основните работи, како на пример, кои клубови и како ќе се квалификуваат за завршниот турнир.
– Начинот на кој се направени работите ми личи како на управување со локална лотарија пред некој празник. Ние, клубовите, сме тие што ги преземаат ризиците, ние инвестираме долгорочно, инвестираме во играчи, во инфраструктурата, ние ги носиме претприемачките и финансиските ризици – вели Ањели.
ФИФА на неодамнешниот состанок во Мајами (САД) го најави клупското СП со 24 тима, од 2021 година. Засега СП се игра секоја година, со по седум тима, шест континентални шампиони и тим на домаќинот на турнирот.
Ањели, кој рече дека ФИФА не го почитувала барањето на ЕКА да не донесува одлука во Мајами, не го прифаќа аргументот дека турнирот ќе го заземе местото во календарот што обично е наменет за Купот на конфедерациите. Тој, исто така, негира и дека ЕКА предложила натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) од 2024 година да се играат за време на викендите.