ЈАДРАНКА КЛИСАРОВА, ДОБИТНИЧКА НА ПРИЗНАНИЕТО ЗА НАЈДОБАР НАСТАВНИК ОД ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА
Жалосно е за нашиот народ што во последните триесетина години се променија многу наставни планови, безброј учебници, се прифатија голем број проекти, а никогаш немаше вистинска анализа и согледување на позитивните и негативните страни
Неодамна во Скопје се одржа првата конференција „Светот на образованието ги брише границите“, која ја организира новоформираната Асоцијација на најдобри наставници од поранешна Југославија. На многу наставници од земјите на поранешна Југославија им беа доделени меѓународни признанија за најдобри наставници. Една од добитничките е и Јадранка Клисарова, долгогодишна наставничка во основното училиште „Блаже Конески“ во општината Аеродром. Таа има голем број награди за најдобар просветен работник, авторка е на учебници по македонски јазик, рецензентка е и носителка на многу образовни проекти.
За предизвиците со кои се соочува македонскиот образовен систем, за родителите и учениците, но и за тоа како е да се биде добар наставник, Клисарова зборува за „Нова Македонија“.
Неодамна бевте избрана меѓу 65 најдобри наставници што се дел од оваа асоцијација. Како се случи тоа?
– Кога дознав дека се формира Асоцијација на најдобрите наставници на бивша Југославија, помислив дека и јас со мојата стручност, ентузијазам и инвентивност може да придонесам за подигање на образованието на повисок степен. Сакав да станам член, без да знам дека ќе ја добијам титулата најдобар наставник на бивша Југославија. Главни „виновници“ за создавањето една ваква асоцијација се Жељана Радојичиќ Лукиќ од Србија и Весела (Весе) Богдановиќ од Македонија. За да се биде член на Асоцијацијата на најдобри наставници, потребно е да сте вреден, одговорен и пожртвуван наставник. Потребно е да имате определени референци, квалификации, награди, научни трудови, проектни активности и сѐ што бара образовниот систем од секој наставник. Добар наставник може со обична табла и креда да создаде одлично предавање, а наедно да ја разбере и примени новата технологија.
Како се станува квалитетен наставник?
– Не постои формула како еден наставник да стане успешен. Постојат две мислења, едното е дека со добро образование се создава успешен наставник. Другото мислење е дека успешниот наставник се раѓа со некоја посебна енергија. Моето лично мислење е дека двете тврдења се точни.
Условите во македонското образование се далеку од сјајни. Што ви недостига вам, на наставниците, за да можете квалитетно да ја одржувате наставата?
– Сите добро ги знаеме условите во македонското образование. Кога наставникот е креативен, тој може да создаде час на кој учениците и тој ќе уживаат и ќе стекнуваат знаења. Поголем дел нагледни средства ги изработуваат самите наставници, понекогаш помагаат родители или се изработуваат заедно со учениците. Следејќи ги образовните системи во повеќе држави, забележувам дека многу се разликуваме, најпрво по системската поставеност во државата. Многу би сакала нашата држава да го приспособи нашиот образовен систем според системот на некоја успешна држава. Не може едноставно да се зборува што е тоа што ни недостига за да може квалитетно да се изведува наставата. Сепак, наставата зависи од самиот наставник, колку е креативен и инвентивен. Малала Јусуфзаи, најмладата добитничка на Нобеловата награда за мир, вели: „Една книга, еден молив, едно дете и еден наставник можат да го променат светот“.
Какви беа учениците некогаш, а какви се денес?
– Учениците некогаш и денес се исто деца, наши деца, деца на родители, на наши познати или пријатели. Денес не би ги споредувала учениците, туку би ги споредувала родителите на оние и овие деца. Постои голема разлика. Родителите некогаш од своите деца бараа да бидат воспитани, да ја следат наставата, затоа што нема кој да им помогне, и да учат за да може да имаат поубав живот. Родителите денес се повеќе информирани, повеќе вработени, немаат слободно време за своите деца, се обидуваат љубовта и вниманието на своето дете да ги „купат“ со некои скапи играчки. Родителот денес го изгуби авторитетот кај сопственото дете, а како тој ќе создаде авторитет кон наставникот? Овие се неминовни промени во едно општество што не е дефинирано каков систем има и каква иднина ќе донесе. Преголемиот наплив и достапност на технологија создаваат заблуда кај децата, дека само со тоа ќе се стекне знаење, а не и со почитување на основните принципи на постигнување знаење.
Што е она на што треба да работат родителите со децата, за тие да бидат поуспешни и да покажуваат подобри резултати?
– Многупати велам дека лесно е да донесеш на свет дете, но најтешко е детето правилно да го воспиташ и да го изведеш на прав пат. Затоа мислам дека родителството претставува една посебна наука и една посебна професија. Родителот мора да му биде другар на своето дете, понекогаш сосед, на крајот родител. Сакај го своето дете, минувај повеќе време со него, биди искрен со него, почитувај го, биди пример за своето дете. Родителот е огледало на однесувањето на своето дете. Затоа покажете му реална вистинска слика за себе, за него, не залажувајте го своето дете дека „сѐ е во ред“ и не правете „ѕвезда од него“. Вашето дете нека биде ѕвезда во вашето срце, херој и пример во срцето на другарчето. Учете го дека знаењето имало моќ во минатото, но исто и сега. Само со вистинско воспитување на детето ќе направите од него човек, кој во иднина ќе ги собира плодовите на својот труд, а родителите ќе уживаат во нивната привилегија.
Што е она на што треба да работи државата за да се подобрува системот на образование?
– Образовен систем се гради со години, тој не се создава прекуноќ. Жалосно е за нашиот народ, затоа што во последните триесетина години се променија многу наставни планови, безброј учебници, се прифатија голем број проекти, а никогаш немаше вистинска анализа и согледување на позитивните и негативните страни. Образованието претрпе премногу промени, тоа беше резултат на менување на власта, се менуваа и наставни програми, учебници, помошници, директори. Да се започне со системски промени во образованието, кои ќе се однесуваат на квалитетот во образованието, а не само на квантитетот. Како одделенска наставничка што поминала повеќе од триесет години во образование, си земам за слобода да кажам дека се потребни квалитетни промени.