По ултиматумот на опозицијата за ослободување до денеска до 15 часот на сите приведени по вчерашните протести во Белград и блокадата на Претседателска палата во која се наоѓаше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претпладнево се огласи српската полиција, јави дописникот на МИА.
Како што изјави директорот на полицијата Владимир Ребиќ, од деветте лица кои во врска со протестите беа изведени пред надлежниот суд, седум се осудени по итна постапка, од кои шест на казна затвор до 30 дена, а едно парично, додека две лица се гонат кривично.
Ребиќ во изјава за РТС нагласи дека при протестите се повредени шестмина полицајци и дека по овие настани полицијата ќе ја промени својата тактика.
– Сега, ако продолжат протестите, ќе мораме да ангажираме повеќе полициски службеници, изјави Ребиќ, порачувајќи дека полицијата ќе постапи исто ако има протест денеска во 15 часот.
Тој нагласи дека полицијата нема да дозволи насилство и дека ќе биде гонет секој што ќе изврши кривично дело или прекршок.
– Ги повикувам граѓаните да се воздржат и протестите да се во согласност со законот, порача директорот на српската полицијата.
По повод барањата приведените лица да бидат ослободени, Ребиќ истакна дека Србија е правна држава и дека полицијата не се меша во одлуките на другите надлежни органи.
Претседателот Вучиќ синоќа во интервју за ТВ Пинк изјави дека можел да излезе од Претседателската палата „во кое било време, но сакал да избегне некој да биде повреден“.
Тој им се заблагодари на сите оние кои вчера биле подготвени да дојдат да го заштитат од насилство.
Вучиќ не ја исклучи можноста од одржување на предвремени парламентарни избори, на кои, како што рече, повторно ќе победи, доколку „овие хистеричните не завршат со мене до Велигден“.
Тој оцени дека вчера е завршена голема работа, бидејќи народот „можел да види дека не може да има неказнето насилство“.
Со реакција се огласи и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој за ТВ Пинк изјави дека „насилните демонстрации на дел од опозицијата во изминатите два дена во Белград испратиле грда слика, предизвикувајќи голема штета на Србија и неразбирливо е што за овие настани не се огласи ниту една амбасада, ниту ЕУ.
– Очигледно, дека овие луѓе имаат некаква поддршка од Запад, оцени Дачиќ.
Но, портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ денеска изјави дека „протестите се основна вредност и суштинска карактеристики на демократијата, што треба да се почитува, но и дека тие треба да останат мирни и во рамките на законите“.
Опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), кој е еден од организаторите на протестите, порача дека се уште чека одговор на барањата за ослободување на приведените до 15 часот и излезе со тврдења дека немало напади врз позицијата.