Во присуство на повеќе жители на Општина Аеродром и на градоначалникот Златко Марин, денеска во паркчето кај споменикот „Јане Сандански“ беше претставена новата реорганизација на општинската комунална служба, со цел обезбедување почисти јавни површини на целата територија на општината.
Во рамките на новата организација, како што соопшти општина Аеродром, се предвидува ангажирање фирма со механизација и опрема за чистење смет и расчистување мини депонии, како и 10 специјални возила – „метачки на смет“ и цистерни за миење на улиците и на јавните пешачки површини.
Дополнително се ангажирани и повеќе сезонски работници, односно бројот на извршители за одржување на пешачките патеки и јавната чистота во целост се зголемува од 120 на 200, со цел да се постигне поголема ефикасност на новиот начин на работа, а во служба на граѓаните.
-Идејата на оваа реформа е всушност, поефикасно и побрзо решавање на проблемите од аспект на хигиената на општината, но и да се поттикнат самите граѓани да бидат свесни и да ги пријавуваат проблемите со кои се соочуваат, како и сметот и малите депонии во нивното опкружување – соопштија од општината.
За таа цел, општината го отвори и телефонскиот број 075/316–515 на кој ќе може да се пријавуваат нечистотиите, со цел нивно поефикасно санирање.