Чедомир Јаневски Фото: Игор Бансколиев

Кога Јаневски седна на тренерската клупа на Исмаили, во декември 2018-та, тимот беше на последната позиција, а потоа забележа четири победи и три ремија и се искачи на 9-то место на табелата

На тренерската клупа на египетскиот фудбалски прволигаш Исмаили од градот Исмаилија, на брегот на Суецкиот Канал, оддалечен 120 км од главниот град Каиро, од средината на декември лани е Македонецот Чедомир Јаневски, поранешен селектор на македонската фудбалска репрезентација, тренер на Вардар, Црвена звезда, како и на повеќе клубови во Белгија, Грција итн. Јаневски беше ангажиран во ситуација кога Исмаили бележеше лоши резултати и се наоѓаше на последното место на табелата во Првата лига на Египет, меѓу 18 тима. Во ланската сезона Исмаили беше вицепрвак на Египет.

– Сега сме во многу поповолна ситуација, успеавме да ѝ ставиме крај на серијата лоши резултати и од моето доаѓање за тренер да не загубиме ниту еден натпревар, да забележиме четири победи и три ремија, да се искачиме на деветтата позиција со 28 бода од 20 натпревари и да побегнеме од зоната на испаѓање. Тоа сега е главна цел, за понатаму ќе видиме – вели Јаневски, кој е третиот тренер сезонава на Исмаили.

Резултатскиот пад на Исмаили сезонава се должи и на тоа дека од ланскиот тим заминале половината од играчите.

– Во зимскиот преоден рок успеавме да се засилиме со неколкумина млади фудбалери и работите тргнаа на подобро. За мене е добра околност и тоа што двајца млади фудбалери се повикани во А-репрезентацијата на Египет, што е потврда за тоа дека добро се работи во клубот – вели Јаневски.

Исмаили е меѓу најпопуларните клубови во Египет, по еднаш бил првак на Африка (1969 година) и вицепрвак (2003), трикратен шампион на Египет (1967, 1991, 2002) и двократен освојувач на Купот на Египет (1997, 2000). 


Македонија не е без шанси во квалификациите за ЕП 2020

Следам што се случува на фудбалски план во Македонија, на клупско и на репрезентативно ниво. За поздравување е успешниот настап во Лигата на нациите и пласманот во повисок ранг, сега на ред се квалификациите за Европското првенство. Имаме шанси за пласман во завршницата, противниците Полска, Австрија, Словенија, Израел и Летонија на изглед не се тешки, не се велесили, но тоа не треба да нѐ залажува. Иако на прв поглед не се атрактивни ривали, сите во своите редови имаат играчи што настапуваат во силни клубови и лиги во Европа, имаат слични амбиции и желби и сигурно нема да биде лесно. Но треба да се верува во себе, во своите способности и да се дава максимум на секој натпревар, вели Чедомир Јаневски. Л.Д.