Владата на Република Македонија на последната седница го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската тарифа со кој се обезбедува правна основа за еднообразна примена на Царинската тарифа.
Со предложените измени и дополнувања на овој закон, како што соопштува владината прес служба, ќе се овозможи исполнување на обврската за транспонирање на националното законодавство утврдена во Националната програма за усвојување на правото на Европската унија.
Со оваа измена на Законот за царинската тарифа се овозможува менување на номенклатурата на национално ниво за да обезбедат услови за попрецизно определување на производите што подлежат на повластена стапка на ДДВ и други мерки поврзани со увоз и извоз.
Истовремено, како што појаснуваат, со овие измени се создаваат услови за потполна примена на интегрираната царинска тарифа што треба целосно да почне да се применува со новиот систем за обработка на царински и акцизни документи.
Владата донесе одлука да го достави предлог законот до Собранието.