Брегзит би можел да биде одложен до 2021 година, во согласност со плановите што ги разгледуваат високи претставници на Европската Унија. Британија би требало да ја напушти ЕУ на 29 март, но развојот на настаните и проблемите што премиерката Тереза Меј ги има во парламентот сугерира дека би можело да дојде до одложување од две години. Брисел ја разгледува можноста за одложување ако Меј не успее да добие зелено светло за договорот за брегзит во британскиот парламент, наведува „Гардијан“, повикувајќи се на високи функционери на ЕУ.
Извори од Брисел за „Гардијан“ истакнуваат дека ЕУ нема да понуди кратко продолжување за останување на Британија од неколку недели, туку период од 21 месец, кој има смисла бидејќи би се вклопил во рамките на буџетот на Унијата и би ги олеснил работите.
– Ако лидерите гледаат некаква цел во продолжувањето, а тоа сигурно не е извесноста на ситуацијата во Британија, тогаш тие не би требало да притискаат, туку треба да го дозволат, за да се осигурат дека ќе има пристоен период за решавање на големите прашања. Периодот од 21 месец има смисла, бидејќи тој ќе ја покрие мултифинансиската рамка и ќе ги олесни работите – наведува европскиот дипломат.
Во Брисел сѐ повеќе расте разочараноста од справувањето на Меј со брегзит, а високи европски дипломати предупредуваат дека шансите за излегување на Британија без договор се над 50 отсто. Исто така, раководството на ЕУ е разочарано од тоа што високи функционери на британската влада се фокусирани на политичко поентирање на домашен терен и го игнорираат отпорот за повторно преговарање за договорот за брегзит. Покрај тоа, недостига домашен консензус за договорот за брегзит, како и за позицијата на Британија за тоа какви трговски односи сака кога ќе заврши транзицискиот период.
– Некои велат: „Можеме како Норвешка, можеме како Канада“, „Можеме да имаме царинска унија, не можеме да имаме царинска унија“.
Други порачуваат дека не треба да ни се верува, бидејќи ќе ја искористиме последната опција за ирската граница за да ги задржиме засекогаш во ЕУ. Но ако убаво погледате на збунетоста, можете точно да видите зошто последната опција за ирската граница е неопходна – додава еврофункционерот за „Гардијан“.
Исто така постои голема загриженост дека Ирска ќе биде искористена како жртвено јагне за да се оправда непостигнувањето на договорот, а земјите-членки сметаат дека земјата се искористува за да се обезбедат позиции во идните трговски разговори.
Висок дипломат на ЕУ истакнува дека Меј е виновна за неуспехот да се справи со тврдокорните евроскептични ториевци.
– Таа дава впечаток дека можете да останете во вашата илузорна комфорт-зона, но не можете. Освен ако таа не е подготвена да избере дека не можеме ништо да сториме – посочува дипломатот.