Одбраната на Борче Ристевски (54) кој е обвинет за убиство на неговата сопруга во Австралија, наиде на неочекувана ситуација поради здравствените проблеми на познатиот австралиски адвокат Роб Стери, кој го застапува Македонецот од Мелбурн.
Меѓу познатите клиенти на Стери, кој е на отстуство откако имаше троен бајпас, се и основачот на Викиликс Џулијан Асанж, одредени политичари, како повеќе членови на австралискиот организиран криминал, објавува австралискиот весник „Ејџ“. Останува да се види дали боледувањето на адвокатот ќе се одрази врз одбраната на Ристевски на престојното судење.
Македонецот од Австралија се соочува со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. Ристевски се изјасни за невин на сослушувањето во пресрет на процесот.
Неговото судење е закажано за 12 март, а се очекува да трае пет недели, поради големиот број на докази што треба да бидат претставени. Предвидено е во судскиот процес да се појават 60 сведоци, кои биле одбрани од листата на потенцијални сведоци со 120 имиња.