Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села во знак на револт од одземањето на ингеренциите во образованието на гостиварскиот градоначалник ја откажал денешната средба на која требаше да се разговара за обезбедување поддршка за консензуален кандидат за претседател на државата.
Заев остава простор за натамошна комуникација и, како што вели, го разбира револтот, но законите мора да се спроведуваат.
– Се слушнав со господинот Зијадин Села. Во знак на револт поради одземани надлежности во образованието на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари од страна на Министерството за образование тој ја откажа средбата. Се надевам, оставивме простор за комункација заради тоа што тоа е вредно. Јас работам и со самото Министерство, законите мора да се спроведат секако, да ги гледаме позитивните основи на самите закони – изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања, по пуштање во употреба на новата сала за јавни услуги од повеќе институции.
Вели дека како поранешен градоначалник е свесен што значи одземањето на надлежностите на која било општина без оглед дали е тоа Струга, Куманово, Гостивар и најави дека ќе се бара решение на заедничка средба со градоначалникот на Гостивар и министерот за образование.
– Преку општините децентрализираните надлежности треба да бидат поблиски до граѓаните, но секако и законот мора да се почитува. Кога ваквите аспекти ги има самиот ресорен министер на мене ми останува да работам како премиер и на заеднички состанок помеѓу градоначалник и министер да изнајдам решение – рече Заев посочувајќи дека Гостивар е еден од поголемите градови во државава и оти нема да се дозволи политички разлики да бидат пречка за развој на која било средина.
Заев е оптимист дека ќе пронајде начин за комуникација со Села.
– Го сфаќам револтот, драго ми е што се слушнавме со Зијадин Села и веројатно ќе најдеме друг начин на комуникација која што ќе конвергира кон оваа важна одлука за државата. Останувам оптимист. Неможам да кажам дали сум сигурен заради тоа што допрва следуваат одлуки на органи и тела на политичките субјекти со кои се сретнав и со кои ќе се среќавам – изјави Заев, посочувајќи дека очекува позтивен потик за целиот процес и на утрешната средба со Билал Касами од БЕСА.
Верувам, истакна Заев, дека уште еднаш ќе испратиме порака идниот претседател на државата да се однесува еднакво одговорен пред секој граѓанин.