На поетот, прозаист и книжевен историчар Славчо Ковилоски денеска на пригодна свеченост во Центарот за култура во Охрид му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобро поетско дело за 2018 година. Поемата „Крале Марко по вторпат“ беше избрана на конкурсот за најдобро авторско поетско дело што секоја година се доделува во чест на славниот охридски преродбеник.
Лауреатот Ковилоски истакна дека добивањето на наградата е чест и задоволство, но и обврска за понатаму да се работи кон твореење нови, квалитетни дела.
-Работата, подготовката на поема секогаш е подолгорочен процес споредено со пишувањето обична поезија, па дури и на роман. Мора поемата да има некаков тек, за да се задржи вниманието. Голема е честа што ја добивам наградата што го носи името на Григор Прличев – рече Ковилоски.
За неговото дело истакна дека како што е и именувана, поемата говори за повторното будење на Крале Марко, излезен од скривалиштето во Демир Капија, неговото повторно будење, гледање на современиот свет, раскажување на приказната за неговото минато, приказната за неговата можна иднина.
-Приказната, накусо речено, зборува за будењето на Крали Марко, неговото битисување во нашето современие. Многу случки се испреплетуваат во поемата, настани напред и назад, а крајот нема да го откријам заради самите читатели -рече Ковилоски.
Кога станува збор за самата наградата „Григор Прличев“, членовите на жири-комисијата со поразителни податоци кои укажуват дека од година во година се намалува интересот за учество на конкурсот.
-Оваа година до Комисијата за доделување на наградата пристигнаа најмал број, конкретно само осум ракописи. Интересот за конкурсот и наградата некако стивнува. Пред се, мислам дека тоа е оттаму што последниве години публикацијата на лауереатот не е присутна, едноставно книгите не живеат на јавната сцена во Македонија. Покрај овенчувањето, за авторот е важно неговиот стих да живее. Мора да се направи нешто за популаризирање на наградата. Наградата не смее да згасне. Доколку проблем се средства, постојат алтернативни изданија како електронски верзии, но текстот мора да живее – рече Наташа Аврамовска, член на жири-комисијата.
Како проблем беше посочена и забележаната практика со исто дело да се конкурира повеќе пати на конкурсот, исти ракописи да се провлекуваат со години. Оценка на жирито е дека треба да се ограничи бројот колку пати еден автор може да учествува со исто дело на конкурсот.
Доделувањето на наградата се одржа во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ со која се чествува ликот и делото на поетот и преродбеник Григор Прличев.
Активностите во рамки на „Прличевите беседи“ почнаа со промоција на монографијата посветена на 30-годишнината од одржувањето на културната манифестацја „Поетски ноќи во Велестово“ и со ликовна изложба на дела на уметници од Македонија.
Во текот на утрешниот ден ќе биде положено цвеќе пред паметникот на Григор Прличев, како и панихида на неговиот гроб во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“. Беседа за ликот на Прличев ќе одржат академик Витомир Митевски и секретарот на Друштвото на писатели на Македонија Мишел Павлоски.
Чествувањата за Прличев ќе бидат заокружени со „Охридската визита“ во родната куќа на Прличев, која оваа година ќе биде посветена на охридскиот писател и поет Видое Видически. Во рамки на визитата ќе биде прикажан видеозаписот „Од животот на Прличев“.