Покрената е нова потрага по фудбалерот Емилијано Сала откако беа собрани 300 илјади евра за нејзино финансирање, преку интернет-кампања, објавува британски „Гардијан“. Официјалната потрага по авионот со кој патуваа аргентинскиот напаѓач и пилотот Дејвид Иботсон беше откажана во четвртокот.
– Никогаш нема да се откажеме. Дојдовме да го бараме и ќе го вратиме со нас. Во срцето знам дека Емилијано е борец, и тој и пилотот се некаде во Каналот. Тие нема да се предадат и затоа ве молам, не ја откажувајте потрагата – кажа низ солзи Ромина Сала, сестрата на фудбалерот, по пристигнувањето во Кардиф.
Кон апелот на семејството на Сала за продолжување на потрагата, се приклучија аргентинските фудбалски ѕвезди Лионел Меси и Серџо Агуеро, легендарниот Диего Марадона, како и аргентинскиот претседател Маурисио Макри. Повеќе фудбалери, меѓу кои Илкај Гиндоган од Манчестер сити, донираа пари за собирање на потребната сума.
– Барањето за финансирање покренато во петокот им овозможи на родните на Сала да ја продолжат потрагата во каналот Ла Манш, преку специјализирана организација. Два брода ќе ја спроведуваат операцијата – се наведува во соопштението на интернет-страницата преку која беа собирани парите.
Авионот во кој патуваше 28-годишниот Аргентинец исчезна над каналот Ла Манш во понеделникот вечерта, на патот од Франција кон Велс, каде што требаше да му се приклучи на неговиот нов клуб Кардиф, по трансферот од француски Нант, вреден 20 милиони евра.