Дваесет и петгодишниот Кристијан Ниневски од Скопје го фати светиот крст што архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан го положи во водите на реката Вардар во Скопје.
Ниневски првпат го фаќа крстот, а веќе шест години учествува на традиционалната манифестација што во Скопје се организира по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици.
– Здравје и среќа за сите, Бог се јави – изјави кратко Ниневски откако го фати крстот.
Од Град Скопје како подарок доби резба.
Во Скопје беа пријавени околу 140 граѓани за фаќањето на крстот. Оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.