Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изборните денови што се паѓаат среде работна седмица се неработни за вработените во државните институции, но и за приватниот сектор. Но како се одразува тоа врз бизнис-секторот? Има ли негативности што ќе ги почувствува стопанството за овие два неработни дена за изборите? Има ли Владата законско право да ги затвори фирмите за избори?

Дали прогласувањето „изборни неработни денови“ е регулирано во законите и дали неработењето го оптоварува стопанството

Вчерашниот ден, среда, кога се одржуваа претседателските избори, и 8 мај, повторно среда, кога ќе се одржуваат претседателските и парламентарните избори, се прогласени за неработни денови. Владата го уреди ова прашање со заклучок на седницата одржана на 16 април годинава. Овие денови се неработни за вработените во државните институции, но и за приватниот сектор. Но како се одразува тоа врз бизнис-секторот? Има ли негативности што ќе ги почувствува стопанството за овие два неработни дена за изборите?
Има ли Владата законско право да ги затвори фирмите за избори?
Ќе трпи ли штета бизнис-секторот?
Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) истакна дека мора да се најдат алтернативни начини за да се обезбеди спроведување на изборниот процес без запирање и нанесување штета на бизнис-секторот.
– СКСЗМ реагираше во врска со последната одлука на Владата за прогласувањето на 24 април и 8 мај за неработни денови за приватниот сектор, оценувајќи ја како штетна за непреченото работење на бизнисите, особено на бизнисите што му припаѓаат на секторот за производство и трговија. Приватните компании мора да имаат можност да работат според нивните потреби, додека одлуката за неработни денови без консултација со бизнис-заедницата претставува пречка за нивно ефикасно работење – укажуваат од СКСЗМ.
Според нив, во оваа одлука, однапред донесена на 14-та седница на Владата на 9.4.2024 година, се наведува дека Владата им препорачува на работодавците од приватниот сектор на територијата на Македонија да ги спроведат овие заклучоци, но на 15-та седница е донесена одлука дека изборните денови се неработни денови за сите граѓани, вклучувајќи го и приватниот сектор.
– Затоа, СКСЗМ ја повикува Владата да ја преиспита оваа одлука и да најде алтернативи што ќе ја поддржат бизнис-заедницата, но истовремено остварувајќи го значењето на изборниот процес во нашата држава – истакнува комората.
Според претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, прогласувањето неработен ден среда негативно се решава цела недела.
– Бизнисот е секогаш потиснат од политичките случувања и е во втор план, а всушност тој треба да овозможи финансирање на целокупниот живот во нашата земја. Политиката треба да најде адекватни модалитети, да може политичките процеси да се одвиваат, но без да имаат штетно влијание на преостанатите делови од нашето живеење. Сигурни сме дека постојат и други решенија што ќе претставуваа поповолна варијанта од сегашново решение и немаше да предизвикуваат штетни влијанија. Мај годинава е навистина многу тежок месец поради многуте празници, а овие два неработни дена за изборите се дополнително оптоварување – посочува Ангелоски.
Неколку аспекти на законските одредби во врска со  прогласувањето неработни  (изборни) денови
И претседателот на собранието на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, се согласува дека одлуката за одржување на изборите во работен ден негативно ќе се одрази на бизнисот.
– Македонија има мала и слаба економија со ниска продуктивност, а се расфрламе со работните денови како БДП да го остваруваме со пумпање нафта или земјен гас. Познато е дека и со државните празници сме европски, а можеби и светски прваци, а граѓаните ги научивме дека парите ги дава премиерот од буџетот, а никого не го интересира како тој буџет се полни – потенцира Димитров.
Според него, овде е многу поважно начинот на кој Владата го прави тоа, бидејќи првата одлука на Владата беше за прогласување неработни денови само за јавниот сектор, а за приватниот сектор беше само препорака. И, како што додава тој, таа одлука беше во ред и во согласност со законите.
– Работодавците што ќе одлучеа да ја почитуваат одлуката овие работни денови можеше да ги одработат некоја идна сабота. Оние што ќе одлучеа да работат секако ќе им обезбедеа доволно часови во денот на работниците за да можат да гласаат. На реакцијата на бизнисот дека одлуката треба да се прецизира со тоа што оние што ќе одлучат да работат, дали за истото тоа ќе треба да ги известат Државниот инспекторат за труд и дали ќе треба да исплатат зголемена дневница за 50 отсто, Владата на 16 април донесе нова одлука со која прецизира дека овие денови ќе бидат неработни за сите граѓани на територијата на државата и дека овие денови нема да се одработуваат. На тој начин Владата им го одзеде правото на работодавците сами да одлучат дали ќе работат или не – објаснува Димитров.
На новото прашање на работодавците како треба да се плати овој ден, тој вели дека Министерството за труд и социјална политика на 22 април „појаснува“ дека „наведените денови ќе имаат правен режим како секој друг неработен ден (како недела, односно празник) и за работа на овие денови на работникот треба да му се исплати додаток на плата, како и да се извести Државниот инспекторат за труд.
– Со ова појаснување МТСП само ги реши дилемите за плаќањето кај оние работници што ќе работат, ама не и за оние што нема да работат. Од појаснувањето дека овие денови ќе имаат правен режим како недела, односно празник се отвора дилемата како недела или како празник, затоа што неделата е неработен ден што не се плаќа, а празникот е ден што и да не се работи се плаќа. Покрај овие непрецизни одлуки и појаснување, мора да се констатира следното: Дали Владата во рамките на своите уставни и законски утврдени надлежности може да носи одлуки за дополнителни работни денови за стопанството, кои како такви не се утврдени во постојните закони? Дали заклучокот на Владата може да има третман на пропис и дали како форма е утврден во закон за да може да биде задолжителна за приватниот сектор односно стопанството – прашува Димитров.
Во Законот за празниците се определуваат државните празници и неработните денови. И претседателот на собранието на ОРМ смета дека овој закон не може да биде основ Владата да утврдува и други неработни денови и вакво право на Владата не ѝ се дава ниту во Изборниот законик.
– Членот 91 од Уставот што ја регулира надлежноста на Владата ги утврдува таквите надлежности, но само во рамките на законските решенија. Оттука, овој член од Уставот не ѝ дава право на Владата со заклучоци да воведува нови неработни денови. Правото на надомест за неработни денови и празници на работниците во Законот за работните односи се однесува само на „со закон определени слободни денови“. И во ОКД е регулирано дека додатокот на плата се однесува само за неработни денови што се утврдени со закон.
Најновото толкување на МТСП дека овие денови ќе треба да се третираат како празник е спротивно на Уставот затоа што само со закон може да се воведуваат одредени финансиски оптоварувања на стопанството, Владата нема такви ингеренции – потенцира Димитров.
Тој се надева дека од овој случај Владата ќе изведе одредени поуки и во иднина нема да презема вакви мерки, кои не само што го оптоваруваат стопанството и му нанесуваат дополнителни финансиски давачки туку создаваат правна несигурност и ги доведуваат во прашање темелните вредности и загарантираното право на слобода на пазарот и претприемаштвото, во согласност со членот 8 и членот 55 од Уставот.