Како што сѐ повеќе се развива мобилната технологија така и овој вид филм станува сѐ попопуларен. Без многу голем буџет и голема продукција зад себе, секој може да ги сними својата идеја и приказна и да ги претстави на фестивалите

Годинешното издание на „Мобил филм фестивал“, поради ситуацијата со ковид-19 се одржа само онлајн, a бea прикажани 90 филма, кои беа достапни бесплатно во 13 земји од регионот, со што фестивалот станува и регионален.
Весна Ристовска, дел од организацискиот тим на „Мобил филм фестивал“, вели дека филмовите што се пријавуваат на фестивалот се аматерски, се пријавуваат поединци и школи и не е задолжително зад овие филмови да стои продуцент или продукција. Од Македонија не учествуваше ниту еден филм.
– Во Македонија има традиција на правење аматерски филм, всушност постои и фестивал на аматерски филм во Битола. Само би ги споменале имињата на Стефан Сидовски, кој е доајен на непрофесионалниот филм, и Ратка Илиевска-Лале, по која е и наречена главната награда за најдобар филм на „Мобил фестивал“. Изминатите години имавме повеќе работилници во соработка со средните училишта и имаше интерес, но годинава не можевме да реализираме класични работилници во училница. Сигурни сме дека многу од младите снимаа и продуцираа различни филмови со својот мобилен телефон и оваа година, само веројатно беа срамежливи да ги пријават. Ги охрабруваме сите во нивните филмски почетоци – апелира Ристовска.
Таа додава дека филмот снимен со мобилен телефон е многу популарен надвор од границите на Македонија и секоја година има сѐ повеќе фестивали низ целиот свет.
– Како што сѐ повеќе се развива мобилната технологија така и овој вид филм станува сѐ попопуларен. „Мобил фест“ има соработка со фестивали од ваков вид низ целиот свет, од Нов Зеланд, од Сан Франциско, од Белгија и други.

Исто така имаме долгогодишна соработка со професорот Карл Бардош од Филмската академија во Њујорк, кој е пионер на уникатниот курс „Кино со мобилен телефон“. Овој курс беше избран како број еден меѓу 17 најиновативни курсеви во академската година 2019-2020 во САД. За време на Канскиот филмски фестивал во 2019 година, проф. Бардош првпат го претстави „Кино со мобилен телефон“. Филмовите од „Мобил фестивал“ што беа онлајн на „Синесквер“беа најгледани во Грција, што за нас е навистина изненадување. Но тоа се должи веројатно на долгата традиција на „Мобил фестивал“, дека сме единствениот ваков фестивал што опстојува на овие простори повеќе од десет години, на што сме особено горди – додава Ристовска.

Како што вели таа, снимањето со мобилен филм дава можност за демократизација на филмот како медиум и без многу голем буџет и голема продукција зад себе секој може да ги сними својата идеја и приказна и да ги претстави на фестивалите, каде што ќе бидат препознаени и ќе отворат поголеми можности за авторите.
– Да снимаш филм на мобилен телефон е лесно. Со своите мобилни телефони секогаш и секаде можете да регистрирате настани, неочекувани ситуации, да продуцирате брзo свои филмови. Потребна е желба, a идејата и креативноста сами ќе дојдат – вели Ристовска.
„Мобил филм фестивалот“ се одржа по 11-ти пат, во организација на продуцентската куќа „КТ-филм и медиа“ од Битола, а е поддржан од Министерството за култура и од Град Скопје. Мотото на фестивалот беше „Размислувај различно“, за организаторите да ги инспирираат авторите во услови на пандемија да бидат покреативни, да бараат приказни и во домашни услови и, без оглед на случувањата, да не престанат да творат.