Минатата година голем број на млади луѓе ја напуштиле Венецуела, бегајќи од економската криза, во надеж да го остварат својот сон на друго место. Приказната за дваесет и четиригодишната девојка Глас Маркано е неверојатна. Таа пред само три месеци продава продавала овошје со нејзината мајка во венецуелскиот град Јаракуj, а сега прави селфи пред Ајфеловата кула и добива пофалби во париските музички кругови, пренесуваат светските медиуми.

Маркано освои награда на меѓународниот натпревар за женски диригент „Ла Маестра“ што се одржува во Париз, во организација на Париската филхармонија и парискиот оркестар „Моцарт“.

– Таа е исклучително талентирана, вредна и интелигентна млада жена која има одлична кариера – изјавил Роман Фиев од парискиот оркестар „Моцарт“.

Нејзиното патешествие е многу интересно, како и освојувањето на наградата. Маркано дипломирала на „Ел Системе“, позната програма за млади музичари финансирана од јавни средства во Венецуела. Таа живела во Каракас, каде што студирала право истовремено и музика.

– Ја искористив можноста да диригирам со оркестар или да учествувам во работилници – истакна Маркано во изјава за Би-би-си.

Можноста на Маркано за остварување на амбициите се отворила во март минатата година преку пребарување на Гугл.

– Мислев дека е време да се пријавам за натпревар во диригирање на оркестар, побарав на Гугл и го пронајдов „Ла Маестра“. Тоа беше натпревар во женска конкуренција и го привлече моето внимание – кажа талентираната диригентка.

Тоа била совршена можност, но со еден трицифрен проблем затоа што апликацијата чинела 180 долари. Една од главните последици на финансиската криза во Венецуела е драстична девалвација на националната валута, боливар. На пример, најниско платената работа во Венецуела во септември носела месечна заработка помала од два долара.

– Тоа ме обесхрабри, како и секој Венецуелец кој гледа како остварувањето на сонот му зависи од пари. И тогаш си реков, сега не е можно, некој друг пат – објаснува Маркано.

Во Венецуела 180 американски долари е вистинско мало богатство.

– Дури и ако апликацијата чинеше 50 долари, не би било поинаку. Скоро и да го заборавив натпреварот иако чуствував како е присутен некаде во мене. Си замислував како учествувам и победувам на натпреварот –  додава таа.

Но, неколку месеци подоцна Маркано решила да побара помош.

– Решив да контактирам со моите пријатели и роднини во странство, сакајќи на тој начин на соберам пари за учество, но имаше само уште три недели до крајниот рок за пријавување – посочува Венецуелката.

Според списанието за класична музика „Франс мјузик“, Маркано успеала да собере само 100 долари пред крајниот рок за пријавување на натпреварот „Ла Маестро“. Но, организаторите се понудиле да ја доплатат останатата сума пари.

Во октомври 2019 година било објавено дека Маркано е избрана да учествува на натпреварот што ќе се одржи следниот март во Париз.

– Добивме 220 пријави, но комисијата едногласно ја избра Глас Маркано. Нејзината автентична харизма, одлична енергија, познавањето на композициите и очигледното чувството за ритам беа видливи во нејзините испратени видеоснимки – изјавил Роман Фиеве, членот на изборната комисија.

Таа потоа не успеала да замине за Париз поради пандемијата со ковид-19, одложувајќи го патувањето за септември годинава. Другите делови од светот почнале да се отвараат но во Венецуела ситуацијата уште била неповолна.

– Отидов во Јаракуј затоа што мајка ми отвори продавница и ми рече дека можам да работам таму за да заработам. Ми се чинеше како одлична идеја, бидејќи ми требаше облека за да можам да патувам во Париз. Но, аеродромите во Венецуела се уште беа затворени – раскажува Маркано.

Таа се плашела од планот Б, што значел патување до Колумбија со мал авион цесна, откаде што требала да го продолжи патувањето кон Париз. Згора, кај неа постоел и страв од евентуална зараза со ковид-19 во текот на патувањето.

И тогаш се појави веста за хуманитарниот лет што шпанската влада го изнајмила за да ги земе нивните граѓани што останале во Венецуела. Летот од Каракас за Мадрид бил предвиден за 14 септември. Организаторот на натпреварот „Ла Маестра“ ја контактирал француската амбасада во Каракас и побарал на Маркано да и се издаде виза и да добие место во авионот.

– Таа покажа голема храброст и одлучност, квалитети кои се потребни за некој да биде диригент – вели Роман Фиеве.

Кога пристигнала на аеродромот во Париз, француски службеник и пришол на Маркано и се пошегувал велејќи „дете, која си ти? Јас не добивам толку многу пораки за обезбедување на место во авионот за претседатели, колку што добив за тебе“.

Кога авионот полетал, Маракано едвај успеала да се соземе бидејќи тоа и бил прв лет со авион, со кој за првпат ја напуштила Венецуела. Но истовремено била целосно фокусирана на конкуренцијата. Маркано пристигнала во Париз само неколку часа пред почетокот на натпреварот, откако едвај отспала за време на летот.

– Тоа беше ново искуство за мене, од сè бев импресионирана. Се чувствував како да сум на друга планета – раскажува Маракано. 

Згора, таа не знаела ниту еден збор на француски.

– Користев англиски, но луѓето не ме разбираа – додала таа.

Маркано излегла на подиумот за да диригира со музичари со кои едвај имала претходен контакт и ги импресионирала сите.

– Каков талент! Таа е 24-годишна девојка која никогаш не ја напуштила Венецуела, а сепак успеа да го постигне она што го постигнала – изјавила Клер Гибо, диригентка и основачка на парискиот оркестар „Моцарт“.

Маестро Емануел Ондре од Париската филхармонија со пофални зборови го коментирал настапот.

– Таа не зборува англиски или француски, но се изразува преку музика. Требаше само да комуницира со оркестарот – изјавил тој.

Маркано не победила на тоа натпреварување, но добила специјална награда. Нејзина најголема награда претставувала низата на понуди за да остане во Париз и да ги продолжи студиите. Првично планирала да се врати во Венецуела по натпреварот, но Маркано оттогаш живее во град кој претходно го гледала само на телевизија.

– Не знам колку долго ќе бидам тука, но подготвена сум за она што ме чека – вели Маркано.