Колку повеќе го користиме нашиот мозок на работа толку подобро ќе функционираат нашата меморија и мозокот подоцна во животот, покажа студија објавена во „Неврологија“, медицинското списание на Американската академија за неврологија. Истражувањето спроведено во Норвешка проучувало 7.000 луѓе со 305 различни работни места. Забележано е колку треба да се користи мозокот во својата работа, се наведува во соопштението на Американската академија за неврологија.
– Ги испитавме барањата на различните работни места и откривме дека когнитивната стимулација на работа во различни фази од животот – во текот на 30-тите, 40-тите, 50-тите и 60-тите години – е поврзана со намален ризик од мало когнитивно оштетување по 70-та година од животот – се наведува во студијата на д-р Трине Холт Едвин од Универзитетската болница во Осло.
Наодите ја истакнуваат вредноста на работата што бара покомплексно размислување како начин за одржување на меморијата и размислувањето во староста.
Истражувачите ја измериле когнитивната стимулација на луѓето што извршувале повеќе физички задачи, како што се ракување со опрема или работа во фабрика, и ја споредиле со когнитивната стимулација на луѓето што работеле на работни места каде што морале да ги анализираат информациите и да им ги интерпретираат на други луѓе.
Работата што резултирала со најголема когнитивна стимулација била наставата, а работата со најниска когнитивна стимулација била обезбедување или поштар, покажува истражувањето. Подоцна ги тестирале меморијата и когнитивните способности на учесниците постари од 70 години. Студијата покажа дека луѓето што работат на работни места со најниски когнитивни барања имале 66 отсто поголем ризик од мало когнитивно оштетување во споредба со оние што работеле на работни места со повисоки когнитивни барања.
– Овие резултати покажуваат дека работата што го предизвикува вашиот мозок во текот на вашата кариера игра клучна улога во намалувањето на ризикот од когнитивно оштетување подоцна во животот – објасни Едвин.
Друга студија од 2016 година покажа дека следните работни места помагаат во одржување здрава функција на мозокот: менаџер, наставник, адвокат, социјален работник, инженер, физичар, лекар, стоматолог и фармацевт. Покрај тоа, една студија објавена минатата година откри кои работни места ги ставаат луѓето во најголем ризик од деменција. Тие занимања ги вклучуваат продавачите, негувателите, земјоделците и сточарите.